среда, 31 декември 2025

Две африкански држави најавија забрана за влез на Американците

Мали и Буркина Фасо објавија дека ќе им забранат влез на американски државјани во своите земји, како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да им забрани влез во Соединетите Американски Држави на државјаните на Мали и Буркина Фасо.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Одлуките беа објавени вчера во одделни соопштенија на министрите за надворешни работи на двете западноафрикански земји и претставуваат ново заострување на и онака студените односи меѓу воените власти во западна Африка и САД.

Трамп на 16 декември ги прошири претходните мерки за забрана на патување на уште 20 земји, меѓу кои се и Мали, Буркина Фасо и Нигер. Станува збор за држави управувани од воени хунти, кои по излегувањето од регионалниот блок Економска заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) формираа посебно здружение.

„Во согласност со принципот на реципроцитет, Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка ја информира домашната и меѓународната јавност дека, со моментален ефект, Владата на Република Мали ќе ги применува истите услови и барања за американските државјани какви што Американците ги применуваат за државјаните на Мали“, соопшти малиското Министерство за надворешни работи.

Слично образложение е наведено и во соопштението потпишано од министерот за надворешни работи на Буркина Фасо, Карамооко Жан-Мари Траоре, со кое се најавува забрана за влез на американски државјани во таа земја.

Белата куќа ги наведе континуираните напади на вооружени групи како една од причините за воведување на забраната за влез. Администрацијата на претседателот на САД го истакна случајот со напад врз припадници на Националната гарда во Вашингтон како оправдување за дополнително заострување на имиграциските контроли.

При најавата на забраната порано овој месец, која ги опфати и Мали и Буркина Фасо, американските функционери наведоа дека ограничувањата се „неопходни за да се спречи влез на странски државјани за кои Соединетите Американски Држави немаат доволно информации за да го проценат ризикот што би можеле да го претставуваат“.

Мали и Буркина Фасо подолго време се соочуваат со сериозни проблеми во сузбивањето на вооружените групи, кои брзо се проширија на големи делови од нивната територија. Воените хунти ја презедоа власта со соборување на цивилните влади, ветувајќи дека ќе се пресметаат со вооружените групи и ќе ја запрат несигурноста што потресува голем дел од регионот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ