петок, 19 декември 2025

Дванаесет часа горел американски воен брод кај Јапонија (ВИДЕО)

На американскиот воен брод УСС Њу Орлеанс, закотвен во близина на јапонскиот остров Окинава, избувнал пожар, со кој екипажот се борел цели 12 часа, а двајца морнари се полесно повредени во инцидентот. Информацијата ја потврди 7-та флота на американската морнарица во Јапонија, пренесува Си-ен-ен.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Пожарот на амфибискиот транспортен брод, кој носи повеќе од 360 морнари и има капацитет за 800 војници, избувнал во средата околу 16 часот по локално време. Според соопштението од морнарицата, пожарот бил изгаснат во раните утрински часови во четвртокот. Сепак, јапонската крајбрежна стража, која учествувала во гаснењето, извести дека напорите траеле до 9 часот наутро и дека операцијата за целосно гаснење на пожарот сè уште е во тек.

Американската морнарица потврди дека двајца морнари се здобиле со полесни повреди и биле лекувани во медицинските капацитети на бродот. Во времето на пожарот, бродот бил закотвен во поморската база Вајт бич, која служи како клучна точка за собирање на американските маринци и опрема пред распоредување на амфибиски бродови.

Во гаснењето на пожарот, на екипажот на бродот УСС Њу Орлеанс му помогнале колеги од бродот УСС Сан Диего, кој исто така бил вкотвен во базата. „Клучна поддршка за напорите за гаснење пожари обезбедија Јапонската крајбрежна стража, Јапонските поморски сили за самоодбрана и други команди на американската морнарица во Окинава“, се вели во соопштението. Снимките од јапонскиот јавен радиодифузер НХК покажуваат реморкери како истураат вода врз предниот дел на бродот.

Аналитичарот и поранешен капетан на американската морнарица, Карл Шустер, истакна дека пожарите се постојана опасност за воените бродови поради големата количина на запалив материјал. Инцидентот личи на најлошиот пожар во поновата историја на американската морнарица, оној на бродот УСС Боном Ричард во јули 2020 година, кој гореше повеќе од четири дена и доведе до расходување на бродот вреден милијарда долари.

Истрагата потоа откри низа системски дефекти, по што американската морнарицата воведе нови процедури за инспекција и обука. Шустер проценува дека штетата од овој пожар би можела да го стави бродот УСС Њу Орлеанс надвор од употреба од 60 до 120 дена. Тој додаде дека овој настан покажува дека морнарицата треба „да ги преиспита и подобри своите процедури за спречување на пожари и гаснење пожари“.

„Пожар од ваков размер порано беше реткост на воените бродови на американската морнарица“, заклучи Шустер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ