Во тужбата се наведува дека трговската политика на Соединетите Држави „сега зависи од каприците на претседателот“, наместо од совесното практикување на неговите законски овластувања.
„Со узурпирањето на овластувањето да наметне масивни и постојано променливи царини по негов избор за која било стока што влегува во Соединетите Држави, од која било причина што смета дека е соодветна да прогласи вонредна состојба, претседателот го поткопа уставниот поредок и донесе хаос во американската економија“.
Тужителите тврдат дека, според Уставот на САД, само Конгресот има овластување да наметнува даноци и давачки, а не претседателот.
Откако ја презеде функцијата, Трамп најави серија далекусежни царини за увозот, што предизвикува турбуленции на берзите и финансиските пазари.
Во почетокот на април, тој објави дека САД воведуваат општи царини од најмалку 10 отсто на целиот увоз во земјата, плус дополнителни давачки за голем број трговски партнери.
Иако многу од планираните царини се суспендирани на 90 дена за да се овозможат трговски преговори, специјалните царини до 145 отсто остануваат во сила за кинеските стоки. Пекинг возврати со царини до 125 отсто за американските производи.
Тужбата ја поднесоа сојузните држави Орегон, Колорадо, Конектикат, Делавер, Илиноис, Мејн, Минесота, Њу Мексико, Њујорк и Вермонт, кои имаат демократски гувернери, како и републиканските држави Аризона и Невада.
Обвинителите бараат од судот да ги укине царините, тврдејќи дека „претседателот нема овластување произволно да наметнува тарифи како што тоа го стори сега“.
Минатата недела, сојузната држава Калифорнија пред федералниот суд поднесе посебна тужба против администрацијата на Трамп поради царините.
Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), зголемените американски царини и соодветните одмазднички мерки доведуваат до пораст на глобалниот јавен долг.