среда, 17 декември 2025

Двајца пријатели нашле дијамант вреден 55.000 долари во Индија: „Сега можеме да ги омажиме сестрите“

Едно зимско утро во Панаи, регион во централна Индија познат по рудниците на дијаманти, двајца пријатели од детството откриле дијамант што би можел да им го промени животот.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Сатиш Катик и Саџид Мохамед налетале на голем, светкав камен на парцела што ја изнајмиле само неколку недели претходно, пишува Би-би-си.

Кога каменот го однеле кај официјален проценител, дознале дека пронашле дијамант од 15,34 карати, со врвен квалитет – еден од најквалитетните природни дијаманти што постојат.

„Проценката на пазарната цена на каменот е околу пет до шест милиони рупии (55.000 – 66.000 долари) и наскоро ќе биде понуден на аукција“, рекол Анупам Синг, проценител на дијаманти, за Би-би-си Хинди.

Владата организира квартални аукции, привлекувајќи купувачи од цела Индија, но и од странство, кои лицитираат за дијамантите.

„Проценките на цените зависат од курсот на доларот и референтните вредности од извештајот на Рапапорт“, рече Синг. Рапапорт нашироко се смета за водечки авторитет за независна анализа на пазарот на дијаманти и накит.

Катик и Мохамед велат дека се пресреќни.

„Сега можеме да ги обезбедиме браковите за нашите сестри“, изјавија тие.

Катик (24), кој води месарница, и Мохамед (23), кој продава овошје, потекнуваат од сиромашни семејства и се најмлади синови.

Со генерации нивните семејства си ја пробувале среќата во потрагата по дијаманти, што во овој округ е вообичаена практика меѓу жителите.

Пана, која се наоѓа во сојузната држава Мадја Прадеш, е еден од најмалку развиените окрузи во Индија – жителите се соочуваат со сиромаштија, недостиг од вода и невработеност.

Сепак, Пана е дом на поголем дел од индиските резерви на дијаманти и останува омилена дестинација за ловците на дијаманти.

Индиските резерви на дијаманти се релативно ограничени во споредба со главните светски производители, но имаат големо историско значење.

Мохамед вели дека неговиот татко и дедо со децении копале по тие парцели, но не пронашле ништо освен „прашина и парчиња кварц“.

Парцелата била изнајмена во потрага по дијаманти делумно од очај, бидејќи нивните мали приходи не можеле да ги покријат растечките трошоци за домаќинството – а камоли да платат свадба, рекол Мохамед за Би-би-си.

Барањето дијаманти не е лесна работа, но двајцата пријатели по работното време навечер, или кога и да имале слободно време, просејувале купишта земја и камења.

Како и повеќето локални жители, дијамантите ги барале рачно – копале дупки, ја ваделе земјата и камењата, ги миеле низ сита и внимателно просејувале илјадници мали камчиња кога ќе се исушеле.

Рави Пател, раководител на рударскиот оддел на округот Пана, изјави дека пријателите имале неверојатна среќа.

„Парцела е изнајмена на 19 ноември. Имаа среќа што за само неколку недели пронајдоа дијамант со врвен квалитет“, изјави тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ