Во заедничка изјава на израелското Министерство за одбрана, домашната безбедносна служба Шин бет и полицијата, се наведува дека еден цивил и еден резервист се осомничени за обложување на идните израелски воени операции на американската платформа за обложување Полимаркет, врз основа на информации до кои имал пристап резервистот.
Канцеларијата на израелскиот државен обвинител одлучи по заедничка истрага на полицијата, воената разузнавачка служба и други безбедносни агенции кривично да ги гони.
Двајцата се соочуваат со повеќе обвиненија, вклучувајќи поткуп и попречување на правдата.
Властите не изнесоа детали за идентитетот на обвинетите, ниту чинот и позицијата на резервистот во израелската војска, и предупредија дека ваквите активности претставуваат „вистински безбедносен ризик“ за војската и израелската држава.
Израелскиот јавен сервис Кан претходно објави дека обложувањата биле направени во јуни минатата година, пред војната на Израел со Иран, и дека добивките изнесувале околу 150.000 долари (околу 126.000 евра).
Израелските воени и безбедносни служби во соопштение наведоа дека „многу сериозно ги сфаќаат дејствијата кои им се припишуваат на обвинетите“ и дека ќе дејствуваат решително за да спречат и да ги изведат пред лицето на правдата сите лица вклучени во нелегалната употреба на класифицирани информации.
Обвинетите ќе останат во притвор до крајот на судската постапка, објави обвинителството.
Платформите за обложување, исто така наречени „пазари на предвидување“, работат со „договори за настани“, односно со прашања на кои обично се одговара со „да“ или „не“.
Вредноста на „договорот“ се одредува според понудите на корисникот, кои треба да ја покажат перцепираната веројатност дека ќе се случи некој настан.
Популарноста на ваквите платформи драстично се зголеми во последниве години, но и покрај некои големи добивки, корисниците сè уште губат пари секој ден.






