Според податоците од повеќето општини, во последните две години биле склучени 16 брака меѓу црногорски и албански државјани, но не е познато дали на тоа му претходеле присила или експлоатација.
На редакцијата на Вијести неодамна ѝ била доставена снимка од една група на социјалната мрежа Фејсбук, во која се промовира склучување бракови со државјанки на Албанија. Во групата, која служи за купување и размена на разни услуги и производи – од автомобили до деловни простории за изнајмување – кружел оглас во кој еден корисник „нуди“ Албанка за брак.
„Жени од Албанија за брак. Прави за дома. Можете да се јавите тука и сѐ ќе договориме за запознавање…“, стоело во објавата.
Новинарот на Вијести, откако му била доставена снимката, се обидел да ја пронајде објавата, но таа во меѓувреме исчезнала, како и профилот што ја објавил спорната фотографија.
Од Центарот за женски права (ЦЖП) за редакцијата изјавиле дека јавните огласи во кои жените се нудат како стока „претставуваат сериозен аларм за правниот поредок и човековите права“.
„Иако и во медиумите имало примери во кои ‘купувањето’ жени од Албанија се романтизира, сакам да нагласам дека сме имале случаи на тешка експлоатација и насилство врз овие жени и дека станува збор за потенцијален облик на трговија со луѓе, присилни и договорени бракови, кои се забранети и со домашното кривично законодавство и со меѓународните обврски што ги презела Црна Гора“, изјави Маја Раичевиќ, извршна директорка на таа невладина организација.
Полицијата: Не е сѐ трговија со луѓе
Црногорската Управа на полицијата, во одговорите доставени до редакцијата, констатирала дека во последните пет години кај нив не биле пријавени случаи на посредување.
Тие исто така навеле дека немаат податоци дали „некој остварил противправна имотна корист по таа основа“.
Како што истакнале, членот 444 од Кривичниот законик на Црна Гора трговијата со луѓе ја оценува „исклучиво врз основа на конкретните факти и околности на секој поединечен случај“.
„Тоа подразбира постоење елементи како што се присила, закана, измама, злоупотреба на положба или тешка состојба, како и постоење намера за експлоатација. Самото склучување брак, без наведените елементи и без постоење експлоатација, не може автоматски да се смета за трговија со луѓе. Доколку во иднина добиеме конкретни пријави или сознанија што укажуваат на можни незаконски дејствија во оваа област, тие, во соработка со надлежното обвинителство, ќе бидат детално проверени и процесуирани во согласност со законот“, соопштиле од полицијата.
Жените не се предмети
Извршната директорка на Центарот за женски права, Маја Раичевиќ, нагласува дека „јавните огласи во кои жените, најчесто од Албанија, се нудат како стока претставуваат сериозен аларм за заштита на жените од насилство и експлоатација“.
„Според Кривичниот законик на Црна Гора, кривичните дела трговија со луѓе, врбување заради експлоатација, како и овозможување или посредување во присилни односи, ги опфаќаат и ситуациите во кои бракот се користи како средство за контрола, експлоатација или лишување на жената од слобода. И Истанбулската конвенција, која Црна Гора ја ратификуваше, изречно ја обврзува државата да ги спречува и да ги санкционира присилните бракови, како и сите облици насилство врз жените што произлегуваат од нерамноправни односи на моќ“, изјави таа.
Таа потсети дека конвенцијата јасно препознава дека бракот „може да биде инструмент на насилство, контрола и експлоатација“.
„Особено кога постои економска, јазична или миграциска зависност на едната страна. Жените не се предмети, туку носители на права, и недозволиво е ваквите појави да се толерираат. Државните органи, пред сѐ полицијата и обвинителството, имаат обврска да реагираат, да ја испитаат заднината на ваквите огласи и да ги процесуираат сите што се вклучени во незаконски активности.“
Најмногу бракови склучени во Улцињ
Според податоците од 15 општини, во последните две години биле склучени 16 бракови меѓу државјани на Црна Гора и државјанки на Албанија.
Вијести испратиле прашања до сите општини во Црна Гора, но од десет од нив не добиле одговор.
Најмногу бракови со државјанки на Албанија, според податоците доставени од општините, биле склучени во општина Улцињ – девет.
„Во 2024 година биле склучени два брака меѓу црногорски државјани и државјанки на Албанија. Еден брак меѓу црногорска државјанка и државјанин на Албанија. Минатата година биле склучени три брака меѓу црногорски државјани и државјанки од Албанија, како и три брака меѓу црногорски државјанки и машки државјани од Албанија“, одговориле од општината.
Од општините Колашин, Жабљак, Рожаје и Андријевица рекле дека во текот на 2024 и 2025 година немало склучени бракови со албански државјани.
Според достапните податоци, бракови со албански државјани не биле склучени ниту во Плав, Плужине, Беране, Херцег Нови и Цетиње.
Ниту во Даниловград, во последните две години, немало бракови меѓу црногорски и албански државјани, но, како што истакнале, забележлив е „тренд на раст“ на браковите со странци.
„Во 2024 година, во рамките на Матичната служба на општина Даниловград, биле склучени, меѓу другото, осум брака со странски државјанин или државјанка. Трендот на раст на склучувањето бракови со странски државјани продолжи и минатата година, кога биле склучени 11 такви бракови. Меѓутоа, склучени бракови со албански државјанин или државјанка, на територијата на нашата општина, во последните две години немало“, навеле тие.
Според податоците што ги доставил подгоричкиот Секретаријат за локална самоуправа и соработка со граѓанското општество, во главниот град минатата година немало склучени бракови со државјани на Албанија.
„Додека во 2024 година биле склучени два брака. Првиот во јуни меѓу црногорски државјанин и државјанка на Албанија. Вториот во јули меѓу државјанин на Албанија и државјанка на Албанија.“
Во Никшиќ минатата година не биле склучени нови бракови меѓу црногорски и албански државјани, додека во ноември 2024 година имало една таква заедница.
Во општина Тиват бил склучен еден таков брак, а во Зета два – еден пред две години, а другиот минатата година.
Измамени младоженци
Вијести уште во 2017 година пишуваа за повеќе мажи од северот на Црна Гора што тврделе дека биле измамени. Се наведува и пример на човек од село во околината на Рожаје што платил 2.500 евра за девојка од околината на Скадар, но невестата никогаш не ја видел.
Се зборува за повеќе оштетени мажи од северот на Црна Гора што влегле во „процедура“ преку посредници, но останале и без пари и без ветената невеста од Албанија.
Човек од околината на Андријевица тврди дека дал 10.000 евра, но сѐ уште не се оженил.
„Ме измамија луѓе. Најмалку осум пати патував до Албанија. Сега ми се чини дека тоа е разработен синџир на измами во кој учествуваат и наши луѓе и Албанци. Заработуваат на туѓа мака, бог да ги казни“, изјавил овој жител на Андријевица.






