Израелската кампања на атентати, спроведена од главната разузнавачка служба, Мосад, следеше по нападот на вооружените палестински милитанти на Олимписките игри во Минхен во септември 1972 година, во кој беа убиени 11 израелски спортисти. Најмалку четворица Палестинци што Израел ги поврзува со тероризам биле убиени во Париз, Рим, Атина и Никозија, а уште шестмина во други земји во текот на таа деценија.
Мисијата, која некои ја нарекувале Операција Божји гнев, била инспирирана од холивудскиот филм „Минхен“ од 2005 година во режија на Стивен Спилберг. Доказите за поддршка на западните разузнавачки служби за израелската мисија беа откриени од д-р Авива Гутман, историчарка на разузнавачките дејности од Универзитетот Абериствит, во шифрирани депеши пронајдени во швајцарските архиви, пишува Гардијан.
Илјадници такви депеши циркулирале низ досега непознатиот таен систем за шифрирање Киловат, кој бил воспоставен во 1971 година за 18 западни разузнавачки служби, вклучително и оние од Израел, Велика Британија, САД, Франција, Швајцарија, Италија и Западна Германија, да споделуваат информации.
Депешите содржеле разузнавачки информации со детали за безбедни куќи, возила и движења на клучни поединци што се сметале за опасни, тактики на палестинските вооружени групи и анализи.
„Голем дел од информациите беа многу детални, поврзувајќи поединци со конкретни напади и давајќи информации што беа мошне корисни. Западните официјални лица можеби во самиот почеток не знаеле за убиствата, но подоцна многубројни медиумски извештаи и други докази јасно укажаа на тоа што правеле Израелците“, рече Гутман, првиот истражувач што го проучувал материјалот од Киловат.
Голда Меир, тогаш израелска премиерка, побарала од Мосад да ѝ достави сигурни докази дека целите биле поврзани со Минхен или имале улога во бранот напади на палестинските вооружени групи врз израелски авиони, амбасади и канцеларии на авиокомпании низ Западна Европа и Медитеранот во тоа време. Повеќето од овие докази дошле од западните разузнавачки служби и стигнале до Израел преку мрежата Киловат.
Мосад прво убил палестински интелектуалец што работел во либиската амбасада во Рим. Ваел Цвајтер бил убиен во фоајето на неговата станбена зграда во италијанската престолнина само неколку недели по нападот во Минхен.
Адвокатите на Цвајтер тврделе дека тој погрешно бил идентификуван како милитант и дека немал врски со тероризмот. Депешите од Киловат покажуваат дека западните безбедносни служби неколкупати му кажале на Израел дека 38-годишниот преведувач обезбедува оружје и логистичка поддршка на организацијата Црн септември, одговорна за нападот во Минхен.
Втората жртва, Махмуд ал-Хамшари, официјалниот претставник на Ослободителната организација на Палестина (ПЛО) во Франција, бил убиен во Париз во декември 1972 година. Хамшари е споменат и во депешите на Киловат, во кои се опишани неговите дипломатски активности и собирање средства, но и се тврди дека регрутирал терористички ќелии.
Убиството во Париз во јуни 1973 година на клучниот логистичар за Црн септември и Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП), вооружена група со седиште во Либан, било во голема мера олеснето со соработката на швајцарските власти, откриваат телеграмите.
Мохамед Будија, ветеран од Алжирската војна за независност од Франција, кој им го ставил своето искуство на располагање на ПФЛП и Црниот септември, бил високо на листата на цели на Мосад. Будија организирал серија напади, вклучително и неуспешен обид за бомбашки напад на хотел во Израел и уништување дел од италијански нафтен терминал. Други заговори биле насочени кон еврејските бегалци што бегале од Советскиот Сојуз и јорданскиот амбасадор во Лондон.
Будија бил следен од Мосад откако швајцарските разузнавачи ги предале деталите за неговиот автомобил пронајден при претрес на безбедна куќа во Женева. Израелскиот одред за атентати го следел возилото и го убил Будија со мина на улица во Париз.
„Не сум сигурен дека израелската кампања на атентати ќе била можна без тактичките информации од европските разузнавачки служби. Информациите биле секако од огромна корист, но исто така било важно за Мосад дека знаеле дека ја имаат оваа премолчена поддршка“, рече Гутман.
Во следниот пример откриен од телеграмите, британската разузнавачка служба МИ5 му ја дала на Мосад единствената фотографија од Али Хасан Саламех, клучниот водач на Црниот септември, кој беше обвинет за нападот во Минхен.
Наместо палестински терорист е убиен марокански келнер
Во јули 1973 година Мосад бил уверен дека го лоцирал Саламех во норвешкото зимско одморалиште Лилехамер и со фотографијата добиена од МИ5 ја идентификувал својата цел. Меѓутоа, убиениот не бил водач на Црн септември, туку марокански келнер. Неколку оперативци на Мосад биле уапсени од норвешките власти, а како резултат на тревогата Меир ја прекинала кампањата Божји гнев.
Сепак, дури и потоа, западноевропските служби продолжија да му даваат на Израел детални разузнавачки информации за потенцијалните цели. Поранешен член на израелската единица за ликвидација во април рекол за Гардијан дека тој и другите членови во тоа време не знаеле од каде потекнуваат информациите што ги користеле за идентификување цели, но инсистирал дека има целосна доверба во нивната веродостојност.
Поранешни палестински милитанти минатата година за Гардијан рекле дека возвратиле со иста мера во т.н. „војна на шпионите“ меѓу Мосад и тајната мрежа на организациите ПФЛП и Црн сетември, која се водела во дел од Медитеранот и западна Европа во почетокот на 70-тите. Палестинските вооружени групи убија еден израелски агент во Мадрид, додека друг беше тешко ранет во Брисел.
Гутман тврди дека откритијата од телеграмите на Киловат покренуваат важни прашања за денешната војна во Газа, која почна по ненадејниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа 1.200 луѓе, главно цивили, а беа киднапирани 251 лице. Во израелската офанзива што следуваше беа убиени повеќе од 50.000 Палестинци, исто така главно цивили.
„Кога станува збор за размена на разузнавачки информации меѓу службите на различни земји, надзорот е многу тежок. Меѓународните односи на тајните служби се целосно надвор од дофатот на политичарите, парламентите и јавноста. И денес се разменуваат многу информации за кои не знаеме апсолутно ништо“, вели Гутман.
Се верува дека Мосад го извршил убиството на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије во Техеран минатата година, додека други израелски безбедносни служби учествувале во атентатите на голем број лидери на Хамас во Газа и Бејрут. Во текот на изминатата година, Израел, исто така, го уби долгогодишниот лидер и десетици високи функционери на Хезболах, исламистичка милитантна организација со седиште во Либан.