петок, 5 декември 2025
Француски Медијапар

Документи на Кремљ покажуваат вмешаност на Русија во операции во Франција, вмешани и граѓани на Србија

Француските разузнавачки служби добиле докази дека Кремљ одобрил план за таргетирање на француските еврејски и муслимански заедници со цел дополнително да се подели тамошното општество, пренесе францускиот портал Медијапар (Mediapart). Во некои акции биле вмешани и граѓани на Србија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Русија има намера да ја претстави Франција како антисемитска и исламофобична. За да обезбеди нашето општество да биде разорено, Кремљ одлучи да поттикне омраза меѓу еврејската и муслиманската заедница со нивно наизменично таргетирање“, пишува францускиот портал.

Француската разузнавачка служба неодамна добила интерни документи од Кремљ, во кои, според резимето во кој Медиjапар добил увид, руската „претседателска администрација тежнее да ги зголеми тензиите меѓу овие две заедници на национална територија користејќи операции за да посее поделба во француското општество и да ја ослаби националната цврстина“.

Според информациите на порталот, француската разузнавачка служба дознала, на пример, дека сквернавењето на еврејските културни и спомен-обележја во мај 2025 година „директно го одобрила руската претседателска администрација“.

Во доверлив извештај поднесен до парламентот, француските разузнавачки служби уште на пролет нагласиле дека „психолошката и информациската војна“ што ја водела Русија имала цел „да го разбиe јавното мислење со влошување на тензиите во рамките на населението“, особено, како што напишале службите, во врска со судирот меѓу Израел и палестинското движење Хамас.

Во белешките поднесени како дел од судската постапка во 2024 година, а кои ги открил Медиjапар, Главната дирекција за внатрешна безбедност (ДГСИ) истакнала дека Франција е „главна цел на Кремљ“.

За да ги дестабилизира државите „што се доживуваат како противници“, руските разузнавачки служби имаат задача да идентификуваат „постоечки ранливости како што се политички или меѓузаеднички поделби, за да се користат за таканаречена дезориентација на јавното мислење“.

Француската контраразузнавачка агенција нагласила дека постојат „субјекти избрани за руските операции на мешање, првенствено за прашања поврзани со имиграцијата, исламот, антисемитизмот, хегемонијата на Соединетите Американски Држави (САД) и институции како Европската Унија и НАТО“, наведува порталот.

„Од 7 октомври желбата на Русија беше да го искористи геноцидниот конфликт што Израел го водеше во Газа и да води операции за дестабилизација насочени само кон еврејската заедница во Франција“, пренесува Медиjапар.

Три недели по нападот на Хамас во Израел, повеќе од 250 Давидови ѕвезди беа испрскани на фасадите на неколку згради во парискиот регион.

Во мај 2024 година, две недели откако студентите од престижниот факултет за политички науки (Sciences Po) покажаа црвени раце на пропалестински демонстрации, 35 црвени раце беа испишани на Спомен-обележјето на Шоа во Париз, над плочите со имињата на оние што ги спасувале Евреите за време на Втората светска војна.

Таа стратегија предвидувала таргетирање на двете верски заедници со цел да се зголеми веројатноста за конфликт во Франција. Новата стратегија за дестабилизација ја доживеала својата прва конкретна примена меѓу мај и септември 2025 година.

Прво се случиле нападите со „зелена боја“. Во ноќта меѓу 30 и 31 мај 2025 година, синагоги, ресторан и Споменикот на жртвите на Холокаустот биле вандализирани. Лица во заштитни одела ги испрскале нивните фасади со зелена боја.

Тројца српски државјани биле уапсени додека се обидувале да ја напуштат земјата. Според париското обвинителство, тие биле идентификувани со помош на снимки од надзорни камери и подоцнежни истраги на нивните телефонски записи.

Три месеци подоцна се одржала втората фаза од операцијата. Во ноќта меѓу 8 и 9 септември 2025 година, околу десет свински глави, од кои некои имале натпис „Макрон“ испишан со сина боја, биле поставени пред девет муслимански богомоли во парискиот регион.

Париското обвинителство веќе следниот ден ја осудило „јасната намера да се предизвикаат немири во рамките на нацијата“, наведува францускиот портал.

Првите наоди од истрагата укажуваат дека две лица купиле десет свински глави од одгледувач на свињи во Нормандија неколку часа пред нападот. Откако ја завршиле својата злокобна задaчa, тие лица ја преминале француско-белгиската граница со возило регистрирано во Србија.

Како што пренесува Медиjапар, весникот „Монд“ (Le Monde) подоцна открил дека иста личност оддалеку ги оркестрирала двете операции.

Според информациите што ги добил Медиjапар, тој човек е српски државјанин по име Александар Савиќ, веќе познат на разузнавачките служби како агент што работи за Русија. Савиќ однапред ги нарачал свинските глави, кои неговите соучесници ќе ги искористат две недели подоцна.

ДГСИ веќе го имала Александар Савиќ на својот радар бидејќи преку шифрирани апликации за размена на пораки (Телеграм, Вибер и Занги) им испраќал адреси на еврејски споменици и културни локалитети во Париз на тројцата други српски државјани уапсени во Франција.

„Учеството на Савиќ во овие две операции за дестабилизација, насочени кон еврејската и муслиманската заедница, во очите на ДГСИ укажува дека тие биле оркестрирани од Русија. Особено затоа што улогата што ја играл лидерот на ќелијата, кој никогаш не стапнал во Франција, но ја управувал логистиката на операцијата, е слична на улогата на Бугаринот Николај Иванов, кој неодамна беше осуден на четири години затвор поради финансирање на патувањето и сместувањето во Париз на тројца други Бугари што исцртале црвени раце на Споменикот на Холокаустот“, наведува францускиот портал.

Три недели откако на џамиите биле поставени свинските глави, министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, најавил апсење на 11 Срби осомничени за учество во неколку операции во Франција и Германија насочени кон ширење „идеи што промовираат и поттикнуваат омраза, дискриминација и насилство засновано на разлики“, вклучувајќи ја зелената боја и свинските глави.

Париското обвинителство навело дека тие лица не биле уапсени по барање на Франција.

Сепак, нивниот лидер Александар Савиќ моментално е во бегство. Наводно делувал „по упатства на странска разузнавачка служба“, според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Србија, кое не ја прецизирало националноста на споменатата служба.

Моменталното место на престој на Александар Савиќ е непознато. Она што се знае е дека неговиот „колега“ Николај Иванов побегнал од својата земја Бугарија по сквернавењето на споменикот на Холокаустот. Отишол во Москва, пред да се засолни во Хрватска, каде што на крај беше уапсен, додава Медиjапар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ