Москва е еден од ретките, но најцврсти сојузници на Техеран, а можниот колапс на иранскиот режим би можел да биде удар за нејзините геополитички и економски интереси. Зошто тогаш не му помага на Техеран?
Воената соработка
Иран од почетокот на војната од Москва добива информации за тоа каде на Блискиот Исток се наоѓаат американските воени постројки — воени бродови, борбени авиони, радарски инсталации и центри за командување со трупите.
За тоа најпрво извести Вашингтон постhttps://mkd.mk/svet/vashington-post-rusija-na-iran-mu-dostavuva-razuznavachki-podatoci-za-gagjanje-na-amerikanskite-sili/, а потоа и други американски медиуми ја пренесоа таа вест, повикувајќи се на неименувани претставници на владата на САД.
Белата куќа не ги демантираше медиумските извештаи. На прашањето за тоа портпаролката на претседателот, Каролајн Ливит, во програмата на Фокс њуз рече дека „искрено кажано, не е ни важно“ дали тоа навистина се случило. Според нејзините зборови, Доналд Трамп и американската војска работат на тоа „целосно да го уништат иранскиот терористички режим“.
Има извештаи и дека Русија му испраќала на Техеран ракети и муниција.
Иран на Москва од 2023 година ѝ испорачува таканаречени дронови „шахед“. Тие дронови во голема мера го променија текот на војната во Украина, изјави Џулијан Волер од Центар за поморски анализи (ЦНА).
„Иран им беше корисен на Русите, иако производството на дронови во меѓувреме во голема мера е преместено во Русија, која дополнително го унапреди нивниот дизајн“, изјави Волер за Дојче веле.
Економското партнерство
Москва и Техеран соработуваат на повеќе економски проекти што се од клучно значење за Русија, изјави за Дојче веле Никита Смагин, независен експерт за Русија и Блискиот Исток со седиште во Азербејџан.
„Транспортниот коридор Север–Југ е еден од нив, особено откако Русија беше отсечена од своите традиционални транзитни рути откако ја започна инвазијата врз Украина.“
Русија, Индија и Иран во 2000 година потпишаа договор за таа мрежа долга 7.200 километри, која поминува и низ Азербејџан. Според податоците на Галф рисрч центер со седиште во Саудиска Арабија, завршени се 75 отсто од проектот.
Не станува збор за идеологија
„Партнерството меѓу Русија и Иран, меѓутоа, не се заснова на идеологија — руските политичари не негуваат особени симпатии кон Иран“, нагласи Смагин. „Но Техеран го гледаат како сигурен стратегиски партнер, затоа што двете земји се под меѓународни санкции — за разлика од Турција или Египет, кои би можеле да ја прекинат трговијата со Русија кога би биле под притисок од Западот“, објасни тој.
Грегуар Рус од лондонскиот Четам хаус смета дека Техеран во одредена мера дури станал ментор на Москва.
„Иран има големо искуство во заобиколувањето на меѓународните санкции во текот на долг период и ѝ давал совети на Русија како да ги избегне“, изјави тој за Дојче веле.
Погрешна проценка на Иран?
Сепак, експертите главно се согласуваат дека е малку веројатно Русија активно да интервенира во војната што во моментов ја водат САД и Израел против Иран.
„Тие две земји не се одбранбени сојузници“, изјави Волер.
Според мислењето на некои аналитичари, причина за тоа може да биде и неформалниот договор за ненапаѓање што Русија, наводно, го има со Израел.
Според зборовите на Моџтаба Хашеми, експерт за меѓународни односи и политички аналитичар, Техеран сепак очекувал „конкретна политичка и воена поддршка“ од Москва.
„Тоа подразбираше проширена воено-техничка соработка, размена на разузнавачки податоци и испраќање јасна порака за одвраќање до непријателите — а не само вербална поддршка“, изјави тој експерт за Дојче веле и додаде дека иранскиот режим погрешно ја проценил ситуацијата.
„Русија и Кина имаат поголеми проблеми за кои мора да се грижат. Нивната поддршка беше од ист вид како онаа што досега му обезбедуваше на Иран многу оружје и средства за репресија“, рече Хашеми.
Мохамад Гаеди, предавач на Универзитетот Џорџ Вашингтон, меѓутоа, смета дека отсуството на руска поддршка не било изненадување за иранското раководство.
„Скепсата кон потпирањето на Москва долго време постои во Техеран. Како што еднаш рече (поранешниот ирански претседател) Махмуд Ахмадинеџад: ‘Русија секогаш го продавала иранскиот народ.’ А претседателот Масуд Пезешкијан по дванаесетдневната војна (јуни 2025) забележа — ‘земјите што ги сметавме за пријатели не ни помогнаа за време на војната.’“
Предности и недостатоци од војната во Иран за Москва
Долготрајната војна во Иран би можела да има и одредени предности за Москва, смета Рус од Четам хаус:
„Медиумското внимание за Зеленски би ослабело, бидејќи сè би било насочено кон Иран и ризикот од ескалација. Освен тоа, Вашингтон не би можел да си дозволи да одржува уште еден фронт кога станува збор за дипломатска и воена поддршка — а хиерархијата на приоритетите очигледно би се поместила кон Блискиот Исток.“
Можни се и економски придобивки за Русија. Иран во голема мера го затвори Ормускиот теснец, низ кој поминува 20 отсто од светската нафта и гас. Цените на нафтата и гасот оттогаш нагло пораснаа.
„Ако цените на нафтата и гасот останат високи со месеци или дури една година, тоа би била голема корист за Русија како извозник на нафта и гас“, изјави аналитичарот Џулијан Волер и додаде дека Кремљ тогаш би можел да ги намали домашните даноци што се користеа за финансирање на војната.
Сепак, евентуалниот пад на иранскиот режим би бил голем удар за меѓународната позиција на Русија, која сака да се претставува како голема сила, нагласи Рус.
„Русија е дел од група земји, меѓу кои се Иран, Сирија и Кина, кои настојуваат светскиот поредок предводен од Западот да го заменат со мултиполарен свет. Но таа група никогаш претходно не се намалувала толку брзо, што е значителна загуба на влијание за Русија во нејзината таканаречена евроазиска зона на влијание.“
Ќе продолжи ли сојузот и ако Иран повеќе не биде Исламска Република?
Хашеми смета дека отсуството на руска поддршка за Иран би можело да ги наруши нивните односи.
„Русија и Кина во голема мера го користеа Иран како геополитички адут во преговорите со Западот. Ако сегашниот режим дополнително ослабне, Москва веројатно ќе бара одреден вид соработка од следната иранска влада, наместо да вложува во структура што се распаѓа. Кина на сличен начин настојува да добие отстапки од следната влада за да задржи барем дел од своето влијание. Меѓутоа, двете знаат дека односите на Иран со нив по исчезнувањето на Исламската Република ќе бидат прилично поинакви“, објасни тој.
Мохамад Гаеди смета дека сегашниот ирански режим сепак би сакал да ги задржи блиските врски со Москва, имајќи ги предвид затегнатите односи со Западот.
„Техеран веројатно нема да ризикува да го изгуби тоа партнерство, особено затоа што Русија има право на вето во Советот за безбедност на Обединетите нации.“






