Повеќе од една деценија по влезот на Хрватска проширувањето на Европската Унија се чини поблиску до реалноста отколку што беше со години. Прашањето повеќе не е дали – туку кои земји од Западен Балкан се подготвени да продолжат напред, а кои ќе останат на страна.
Според комесарката за проширување на ЕУ Марта Кос, Црна Гора технички би можела да ги заврши преговорите за пристапување до крајот на 2026 година, а Албанија една година подоцна.
„Потоа ни треба година до година и пол за да го поминеме процесот на ратификација. Затоа сум реалистичен оптимист дека дури и за време на мојот мандат, кој завршува на крајот на 2029 година, Европската Унија би можела да добие најмалку две нови членки“, изјави Кос за Дојче веле.
Во исто време, српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека Србија „за прв пат по 13, 14 години“ нема да учествува на Самитот.
„Донесов таква одлука, за да не биде никој крив. Не сакам владата да трпи никаков притисок“, рече Вучиќ. „Мислам дека ја штитам Република Србија, нејзините интереси, бидејќи прво мора да покажеме што сме направиле, а многу сме направиле и тие го признаа тоа и го кажаа“,
Црна Гора како пример
Црна Гора сигурно има најголема причина за оптимизам пред Самитот, откако затвори уште пет поглавја од преговорите во вторникот, 16 декември, на меѓувладината конференција во Брисел. Сепак, Европската унија продолжува да вели дека е потребно да се вложат уште повеќе напори во борбата против корупцијата и организираниот криминал и да се обезбеди независност на судскиот систем.
По години застој, Црна Гора ги протурка клучните реформи пред две години и постигна широк политички консензус за членство во Унијата. И Подгорица и Брисел сега се стремат да го завршат процесот на пристапување што е можно поскоро.
Сепак, локалните критичари тврдат дека реформите се забрзани и затоа може да им недостасува суштина.
„Никој сериозен не тврди дека системот може фундаментално да се промени за неколку години“, одговара црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ.
„Критиките се легитимни кога служат за понатамошно забрзување на реформите, но важно е да се каже дека денес реформите не се мерат со политичко влијание, туку со јасни европски индикатори и дека напредокот на Црна Гора е објективно потврден од институциите на ЕУ“, додаде таа во изјава за Дојче веле.
Напредокот на Албанија
Црна Гора во чекор ја следи Албанија. Иако Европската комисија укажува на напредокот во судските реформи, таа исто така предупредува дека се потребни дополнителни напори во борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото.
Сепак, како што истакнува политичкиот аналитичар Флоријан Бибер, исходот е далеку од сигурен и потребни се одржливи реформи.
„Албанија спроведува многу, барем формални реформи, но во контекст во кој имате многу силен лидер, Еди Рама, таа сигурно има многу сериозни демократски недостатоци. Значи, постојат одредени резерви и не е јасно дали Албанија ќе може да го премости тој јаз и навистина да биде подготвена во исто време како и Црна Гора“, оценува Бибер.
Зошто ЕУ сака да се прошири?
За Европската Унија, проширувањето е стратегиско прашање – но и прашање на кредибилитет. Приклучувањето на Црна Гора би бил потег со низок ризик со голем ефект, што би покажало дека Унијата може да ги исполни своите ветувања и да ја зајакне довербата во своето лидерство во неизвесни геополитички времиња, според анализата на Европскиот политички центар (ЕПЦ).
Проширувањето е поврзано и со безбедноста на Европа и нејзините геостратегиски интереси.
„Ја плаќаме цената за тоа што не ги интегриравме овие земји кога првпат сакаа да се приклучат, оставајќи го регионот нестабилен“, изјави комесарката Кос.
Притиснати од новите геополитички околности, тие сега се обидуваат да ја исправат таа грешка.
„Доколку Унијата не се прошири со овие земји, други сили би можеле да влезат и да го искористат регионот, користејќи го како лост против Европската Унија, вклучувајќи ги Русија и Кина“, изјави Тинатин Ахвледијани, истражувач во одделот за надворешна политика на Европската Унија во Центарот за студии за европска политика (ЦЕПС).
Што е со предлогот на Србија?
Ако темпото на напредок кон членство во ЕУ е толку различно низ целиот регион – каде го остава тоа Александар Вучиќ и неговиот претходен предлог сите земји од Западен Балкан заедно да се приклучат кон Унијата?
Многу аналитичари го толкуваат предлогот на Вучиќ како обид да се успори целиот процес на интеграција, бидејќи на Србија во моментов не ѝ оди добро.
Иако претседателот на Србија кажа дека европските лидери го сослушале „како пристојни луѓе“, се чини дека нема голем интерес за неговата идеја во рамките на Европската комисија.
„Пристапувањето е процес базиран на заслуги. Секој кандидат треба да се приклучи кога е подготвен и ги исполнува условите и критериумите утврдени во договорите на ЕУ, вклучително и Копенхашките критериуми. Нема однапред одредени рокови. Процесот е воден од спроведувањето реформи, и докажувањето одржливи резултати“, порача портпаролот на Европската комисија.
„Секоја земја по својот пат“
И Тинатин Ахвледијани и Флоријан Бибер нагласуваат дека процесот на проширување отсекогаш се спроведувал според „принципот на регата“, што значи дека земјите-кандидатки одат по свој пат, а интеграцијата зависи од нивните сопствени заслуги, реформи и исполнување на техничките критериуми.
Сепак, Бибер забележува дека идејата за истовремен пристап има некои предности.
„Ова би го избегнало создавањето надворешни граници на ЕУ меѓу земјите од Западен Балкан и би го спречило увозот на билатерални проблеми во Европската Унија“, смета тој.
„Од друга страна, постојат сериозни недостатоци, бидејќи темпото на најбавниот кандидат би го диктирало темпото на другите. Така, дури и ако Црна Гора е подготвена да влезе во Европската Унија во наредните години, тоа би можело да се одложи поради земји како Босна и Херцеговина или Косово, на кои можеби ќе им требаат уште десет години“, додава Бибер.
Црна Гора не сака да чека
Кабинетот на албанскиот премиер немаше коментар за предлогот на Вучиќ во моментот на објавување на текстот.
Сепак, Црна Гора реагираше брзо, јасно ставајќи до знаење дека сака да продолжи напред.
„Црна Гора не сака да чека никого, ниту некој да ја чека. Ние сме лидери во процесот и сакаме да се приклучиме кон Европската Унија кога со нашите резултати ќе покажеме дека сме подготвени за тоа и дека заслужуваме членство“, кажа министерката Маида Горчевиќ.
Додека другите соседи се обидуваат да го стигнат темпото, Подгорица им кажува дека е подготвена да го сподели своето знаење и искуство, верувајќи дека „успехот на една земја придонесува за стабилноста, безбедноста и целокупниот напредок на Западен Балкан, но и на целата Унија“.






