четврток, 11 декември 2025

Дојче веле: Младите на Западен Балкан сè поразочарани од Европската Унија

Претставувањето на студија за состојбата на младите во југоисточна Европа пред фондацијата Фридрих Еберт блиска до социјалдемократите се претвори во отрезнувачка дискусија за неуспешната стратегија на Германија кон Западен Балкан, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фондацијата Фридрих Еберт е многу присутна на подрачјето на југоисточна Европа со регионални канцеларии во сите поголеми урбани центри. Последната студија заснована на репрезентативна анкета е спроведена во 2018 година.

Светот многу се промени од тогаш до 2024 година, кога следната студија за младите беше спроведена и презентирана во вторникот (16 септември) во седиштето на Фондацијата Фридрих Еберт во Берлин: пандемијата на коронавирусот, руската агресија врз Украина и геополитичката ситуација променета со враќањето на власт на Доналд Трамп.

Што се промени од 2018 година?

Студијата испитува како младите луѓе во југоисточна Европа го перцепираат општествениот напредок и сопствената иднина. Со споредување на податоци од дванаесет земји – Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Грција и Турција, се обидуваат, како што е наведено во воведот на студијата, да поттикнат информирана дискусија за ставовите на младите кон политиката, демократијата и општествените вредности во контекст на нивните животни околности.

Истражувањето за младите вклучувала луѓе на возраст од 14 до 29 години, надоврзувајќи се на претходни истражувања спроведени во регионот од страна на Фондацијата Фридрих Еберт помеѓу 2011 и 2015 година и повторно во 2018 година.

На почетокот од презентацијата, Елена Аврамоска од канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт во Виена, која го координирала спроведувањето на анкетата, кажа дека студијата е важна за „сегашното разбирање на општествените и политичките ставови на младите“, но е значајна поради „пошироките импликации на тие наоди за јавните политики, со цел информирање и подобрување на политичките дискусии низ целиот регион“.

Со други зборови, важно е да се знае „како дишат“ идните активни и пасивни учесници во изборниот процес. Оваа студија е дел од серија длабински студии што ги разгледуваат секоја од 12-те земји вклучени во оваа студија.

Ентузијазмот за Европската Унија опаѓа

Заедничката загриженост на младите луѓе во овој дел од Европа, како што покажува студијата, е широко распространетата корупција во општествата во кои живеат, и таму не се променило многу од последното истражување. Веднаш блиску до врвот е загриженоста за одливот на квалификувана работна сила, но младите луѓе се загрижени и за приливот на странска работна сила.

Друга во низата противречности се однесува на повратниците, т.е. младите луѓе со некаков вид искуство, работно или образовно од странство. Овие повратници, а студијата нема конкретно објаснување за ова, покажуваат повеќе недемократски тенденции од младите луѓе кои не емигрирале.

Во интервју за Дојче веле, издавачката на студијата Елена Аврамовска вели дека самата студија не дава одговор на прашањето зошто повратниците се помалку демократски од оние што останале. „Можеби повеќе станува збор за субјективното чувство за тоа како биле примени во земјите каде што поминале некое време, чувството дека не се интегрирале или дека не биле прифатени“, вели Аврамовска.

Исто така е значајно што ентузијазмот за Европската Унија е многу поголем кај младите луѓе кои живеат во земји кои не се членки отколку во земјите членки. Но, ентузијазмот генерално опаѓа во споредба со последната студија и е на високо ниво само во Косово и Албанија.

Порастот на стравовите

Ставот кон религијата генерално ослабел во споредба со последната анкета, со некои исклучоци како што е Босна и Херцеговина каде што 43 отсто од испитаниците кажале дека присуствуваат на верска церемонија „барем еднаш месечно“. Во Хрватска, оваа бројка е речиси преполовена од 2018 година, а сега само 25 отсто од анкетираните млади луѓе одат на верска церемонија барем еднаш месечно.

Анкетираните млади луѓе во сите земји имаат заедничко забележително зголемување на стравот, и тоа во многу области: страв од имигранти, страв од криминал, страв од војна, страв од болести… што многу добро го илустрира степенот до кој светот се променил од последната анкета.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ