недела, 20 јули 2025

Додик воведува резервен состав на полицијата, ЕУ смета дека тоа води кон ескалација

Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди плановите на властите на Република Српска за воведување резервен состав на ентитетската полиција со порака дека наместо тоа треба да се зајакнат постојните безбедносни агенции во земјата, кои се соочуваат со хроничен недостиг од персонал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Еден ден откако парламентот на РС, со гласовите на владејачкото мнозинство контролирано од Милорад Додик, го усвои предлогот за измени на законот за внатрешни работи, со кој се воспоставуваат резервни полициски сили со образложение дека тоа е неопходно за зачувување на јавниот ред и мир и справување со кризни ситуации, следеа бројни осуди, вклучително и тврдења од опозицијата дека на овој начин Додик создава „преторијанска гарда“ за себе што треба да му помогне да остане на власт.

Зајакнувањето на полициските структури во РС е планирано во екот на политичката криза што ја тресе Босна и Херцеговина со месеци и во која ентитетската полиција отворено им пркоси државните полициски агенции кои се под контрола на Бошњаците и имаат задача да го приведат Додик.

Министерот за внатрешни работи на РС, Синиша Каран, застана во одбрана на предлогот тврдејќи дека на ентитетската полиција, која има 5.500 полицајци, ѝ недостасуваат околу илјада службеници, па затоа способноста за реакција во „непредвидливи ситуации“ е доведена во прашање.

Тој тврди дека резервните полициски сили ќе бројат до 20 отсто од вкупниот број активни полицајци и дека ќе носат оружје само кога е потребно.

Премиерот на Федерацијата БиХ, Нермин Никшиќ, го опиша тој план како исклучително опасна и провокативна постапка што претставува закана за мирот.

„Ваквите еднострани потези ги продлабочуваат поделбите, будат стравови и создаваат клима на недоверба која може да нè доведе сите во сериозна криза“, рече Никшиќ, додека министерот за внатрешни работи на Федерацијата, Рамо Исак, најави одговор со иста мерка.

„Федерацијата на Босна и Херцеговина ќе одговори реципрочно, односно со формирање резервни полициски сили во Федерацијата на Босна и Херцеговина“, најави Исак, кој тврди дека Додик се сомнева во лојалноста на активните полицајци и сега се обидува да ги вклучи оние кои ја имаат неговата лична доверба во тие структури.

Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина реагираше со соопштение во кое изрази жалење за одлуката на парламентот на РС, посочувајќи дека тоа е непотребен и контрапродуктивен потег што го зголемува ризикот од продлабочување на поделбите во Босна и Херцеговина.

Тие потсетија дека голем број работни места во полициските тела во БиХ се слободни и затоа ги повикуваат властите да најдат системско решение за тој проблем на начин што ќе обезбеди долгорочна одржливост со цел ефикасна борба против криминалот и корупцијата.

Тие сметаат дека ова е особено важно по одлуката на Европскиот совет од март 2024 година за отворање преговори за пристапување со Босна и Херцеговина, бидејќи сега се очекува сите политички актери во таа земја да ги фокусираат своите напори на реформите потребни за напредок на европскиот пат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ