понеделник, 15 декември 2025

Додик: Пресудата е политичка, нејзината цел е моја политичка елиминација

Претседателот на Република Српска  Милорад Додик денес изјави дека првостепената одлука на Жалбениот совет на Судот на Босна и Херцеговина, со која беше осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење јавна функција, е „чиста политичка одлука“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ништо неочекувано, тоа е чиста политичка одлука и волја. Тоа е напад врз Република Српска, персонализиран преку Милорад Додик“, кажа Додик на прес-конференција во Бања Лука.

Целта на пресудата, изјави тој, е негова „политичка елиминација“.

Тој истакна дека не ја прифаќа пресудата на Судот на БиХ, кој, како што рече, е создаден од Европската Унија, со шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Луиџи Сорек.

Тој изјави дека Народното собрание на Република Српска ќе го изрази своето мислење за пресудата и дека ќе ја почитува одлуката на ентитетскиот парламент.

Тој повтори дека „според Уставот на Босна и Херцеговина, не постои ниту обвинителство, ниту суд, ниту висок претставник, кој може да донесува одлуки со законска сила“, обвинувајќи го високиот претставник Кристијан Шмит за „создавање хаос во БиХ по наредба однадвор“.

„Имаме алатки да одговориме. Имаме отворена дебата за новиот Устав, донесовме закони, кои ќе ги потврдиме повторно. Нема да се двоумиме да ги заштитиме интересите на РС и да го заштитиме мирот“, рече Додик.

Тој ги повика граѓаните на РС да останат смирени, додавајќи дека предвремени избори во РС нема да се одржат сè додека тој е на функцијата претседател на ентитетот.

Додик ги повика граѓаните на РС и полицијата да не дозволат предвремени избори за претседател на РС.

„Очекувам целосна поддршка од Србија, ќе се обратам до Русија за поддршка, ќе ѝ пишеме на новата американска администрација. Ова е срамно, ова нема никаква врска со демократијата, со право, ова има врска само со муслиманските напори да доминираат во Босна и Херцеговина“, објави тој.

Тој им порача на Србите во РС дека „ако не се вразумат сега, за пет години ќе доживеат егзодус и ќе станат драматично малцинство и нема да можат да ги изразат своите политички ставови“.

„Народот не треба да се плаши. Тука нема да се пука со пушка. Нашата најголема сила е единството. Колку што можевме да прочитаме, не ми е забрането да останам претседател на партијата (СНСД). Ќе останеме заедно. По шест години, кога ќе се вратам на изборите, тогаш ќе имаме друга платформа, ако одлучиме за такво нешто, но се надевам дека дотогаш нема да има БиХ, барем не Суд и Обвинителство на БиХ “, заклучи Додик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ