„Нема да ја почитувам. Ќе ја почитувам волјата на српскиот народ. Вие бевте арогантни и избувливи, и очекувате од мене да бидам покорен. Нема да бидам. Јас сум претседател на Република Српска и можете да пишувате што сакате. Мене ме избра народот, нема да ме замени странска влада“, објави Додик на социјалната мрежа Икс.
Тој додаде дека оние што ја донеле одлуката „не ги почитуваа Уставот на БиХ, Уставот на РС, законот“ и дека, како што изјави, „јас треба да го почитувам нивното непочитување кон сè“.
„Вие терајте по свое, ние ќе тераме по свое. Се надевам дека патиштата нема да ни се вкрстат“, заклучи Додик.
Апелациониот совет на Судот на БиХ вчера ја отфрли жалбата на Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК), со која му беше одземен мандатот како претседател на РС по изрекувањето на судската пресуда.
По одлуката на Апелациониот совет на Судот на БиХ, Додик официјално повеќе не е на функцијата претседател на РС.
По изрекувањето на конечната пресуда против Додик, со која беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност поради неспроведување на одлуките на високиот претставник, ЦИК донесе одлука да му го одземе претседателскиот мандат на Додик, што беше предмет на жалба до Апелациониот совет на Судот на БиХ за изборни жалби.
Вчерашната одлука на Апелациониот совет на Судот на БиХ дефинитивно утврди дека Додик повеќе не ја извршува функцијата претседател на РС, а ЦИК е должна да распише предвремени избори за претседател на РС во рок од 90 дена.






