Тој ги повика граѓаните на Република Српска да се обединат, да го зачуваат мирот и стабилноста. Не појасни какви одлуки би можеле да донесат властите на Република Српска, но најави одржување на Народното собрание на тој ентитет. Милорад Додик, кој беше правосилно осуден, повтори дека одлуката на Судот на Босна и Херцеговина е неправедна и политички мотивирана.
Високиот меѓународен претставник и Делегацијата на Европската Унија повикаа на почитување на одлуката на Судот на Босна и Херцеговина, а лидерот на најголемата Бошњачка партија за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, изрази сомнеж дека Додик ќе се повлече од политичката сцена, дури и по пресудата.
„Доколку му дозволат да остане на чело на СНСД, ќе се потврди дека сè што видовме беше само претстава за јавноста“, кажа Изетбеговиќ. Тој додаде дека Додик ќе продолжи со нападите врз државата БиХ доколку продолжи да врши политичка или јавна функција во Република Српска
Поддршка за Додик испрати премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, кој изјави дека Унгарија нема да ја признае пресудата на Судот на Босна и Херцеговина.
„Претседателот Додик останува избран претставник на Србите што живеат во Босна и Херцеговина и ние ќе ја обликуваме нашата политика соодветно“, рече Орбан.
Тој ја оцени пресудата како политичка „бидејќи Додик не ги спроведе одлуките што дојдоа од Европската Унија“, објавија медиумите во Република Српска. Во петокот, Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја потврди првостепената пресуда против Милорад Додик за непочитување на одлуките на високиот претставник на Западот Кристијан Шмит.






