петок, 19 декември 2025

Додик: И понатаму сум претседател на Република Српска

Лидерот на владејачката коалиција во Република Српска Милорад Додик изјави дека тој е сè уште претседател на РС, избран на демократски избори со волјата на народот, и дека против оваа волја не може да се бори со судски одлуки.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додик вчера гостуваше во утринската програма на Радио Телевизија на РС (РТРС) и кажа дека потпретседателот на РС Давор Прањиќ од редовите на хрватскиот народ претходно потпишувал декрети за донесување закони и одлуки, и дека, како што нагласи, ќе продолжи да го прави тоа исклучиво од технички причини.

„Да го потпишев декретот, ќе рекоа дека го кршам и ќе побараа ново судење. Во Сараево чекаат формална причина повторно да ме турнат во судскиот процес, тврдејќи дека кршам одлуки кои се незаконски“, кажа тој.

Според него, не смее да има никакво одложување во донесувањето на законските акти, и дека тоа ќе го прави потпретседателот на РС.

Тој истакна дека ќе продолжи да ги извршува сите претседателски должности.

„Мора да останеме слободни да се бориме против неправдата. Република Српска функционира, Милорад Додик ќе ги извршува задачите на претставување на српскиот народ секој ден, со повеќе енергија отколку порано“, порача тој.

Потпретседателот на РС Давор Прањиќ неодамна потпиша указ за прогласување измени на Законот за полиција и внатрешни работи, врз основа на одлука за овластување од претседателот на РС Милорад Додик.

Претставниците на опозициските партии во РС оценија дека Додик, со пренесувањето на претседателските овластувања на Прањиќ, потпретседател од редот на Хрватите, официјално ја признал пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, поради која Централната изборна комисија  на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот како претседател.

Тие го отворија и прашањето за легалноста на пренесувањето на овие овластувања, имајќи предвид дека Додик е трајно спречен, бидејќи е под таква санкција што го спречува да се врати на функцијата до крајот на неговиот мандат.

Според Уставот на РС, пренесувањето на овластувањата на претседателот на Република Српска на еден од потпретседателите е можно само во случај на „привремена спреченост“ за вршење на должноста.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот на Додик како претседател на РС врз основа на конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, со која тој беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради неспроведување на одлуките на високиот претставник на Западот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ