Додик, на кого Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот на претседател на Република Српска, врз основа на правосилна осудувачка пресуда, ѝ се заблагодари на Унгарија за поддршката, наведувајќи дека „без нејзино разбирање, ќе имавме поголеми проблеми отколку што имаме“.
На заедничка прес конференција по средбата со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, Додик рече дека Унгарија „не навива, туку слуша“, објави сараевскиот портал Рапорт.
„Го информирав унгарскиот министер Сијарто дека германскиот државјанин Кристијан Шмит (високиот претставник на Западот во Босна и Херцеговина) дошол да земе имот и сите минерални ресурси, на што Република Српска ќе се спротивстави. Ако работите тргнат на лошо за нас, многу брзо ќе донесеме одлука за независност на Република Српска“, кажа Додик.
Тој наведе дека Република Српска е „приморана да го стори тоа поради неправдата што постојано им се наметнува“ на Србите во Република Српска и на српскиот народ на Балканот и го обвини Брисел дека „го толерира укинувањето на демократијата во БиХ“.
„Јасно е дека во светот, преку судовите, се обидуваат политички да обезбедат „смрт“ на демократски избраните лидери. Тоа беше направено со (американскиот претседател Доналд) Трамп, (поранешниот бразилски претседател Жаир) Болсонаро, тоа беше направено и овде во Европа. Го гледаме и ова најново нешто што се случи во Чешка. Но една навистина силна структура во Европа е подготвена да оди до крај“, кажа Додик.
Судот на Босна и Херцеговина го осуди Додик на една година затвор и шест години забрана за вршење политичка функција, поради неспроведување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит, поради што Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот на 6 август.






