„БиХ се распаѓа, остатоците ѝ смрдат со нечовештво, бидејќи обидот да се инструментализираат Судот и Обвинителството на БиХ е најдобриот начин да се изгуби секоја доверба, а народното собрание на РС донесе одлука дека тие, заедно со Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет (ВСТС) на БиХ, не дејствуваат на територијата на РС“, кажа Додик на конференција за новинарите по состанок на владејачката коалиција на ентитетот.
Тој повтори дека тие институции „не се предвидени со Уставот на БиХ“ и дека РС е одлучна во тоа да ги стави „надвор од функција“ на својата територија.
Тој ги обвини бошњачките политички претставници, нарекувајќи ги муслимани, дека ги прифатиле одлуките на Шмит, сакајќи преку нив „да се пресметаат со Србите и РС“.
„Тоа е нивното второ полувреме во кое сакаат одмазда“, оцени Додик, додавајќи дека муслиманите во БиХ се „конвертити, кои ја напуштиле својата претходна православна и католичка вера и преминале на ислам“.
Додик наведе дека решението за БиХ е во тоа „муслиманите да се вратат на претходната вера, православието и католицизмот“, по што „би се потврдило дека во БиХ има најмногу Срби“.
„Тогаш ние ќе немаме ништо против тоа Босна да биде унитарна, бидејќи би била српска. Пред тоа нема да биде никаква“, оцени Додик, наведувајќи дека тоа е неговиот одговор на тврдењата на лидерот на бошњачката Партија на демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ за тоа дека сите жители на БиХ некогаш биле богомили, а дека потоа некои го прифатиле православието, некои католицизмот, а најголемиот број исламот, поради што БиХ треба да биде унитарна.