„Јасно е дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина е дел од кланот чија цел е да го укине Дејтонскиот мировен договор“, кажа Додик на прес-конференцијата која ја одржа во седиштето на неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) во Бања Лука. Додик е сè уште претседател на таа партија, иако постојат толкувања според кои тој не би можел да ја извршува таа функција откако Судот на Босна и Херцеговина го осуди на затвор и шестгодишна забрана за политичка активност.
За ова моментално се дискутира помеѓу Судот на Босна и Херцеговина и општинскиот суд во Бања Лука, каде што е регистрирана СНСД. Но, Додик сепак се претстави како претседател на РС, иако тој мандат му беше одземен, а парламентот ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за привремен претседател до изборите закажани за 23 ноември.
Тој кажа дека зборува од просториите на СНСД „само од формални и правни причини“ и го искористи своето појавување пред новинарите за да испрати порака дека Босна и Херцеговина ќе се распадне, а Република Српска ќе стане независна држава. „Сè што кажавме дека се наши политички цели, ќе биде нашата ориентација во иднина“, рече тој.
Додаде дека за него БиХ е „завршена приказна“ и најави дека ќе следи општа парализа на државно ниво. Во февруари, Парламентот на РС донесе низа закони со кои де факто се обидоа да спроведат сецесија, но тие закони беа поништени под притисок на американската администрација, која пак ги укина санкциите врз Додик.
Американскиот претставник во Советот за безбедност на Обединетите нации минатата недела појасни дека администрацијата на Доналд Трамп сега очекува „деескалација и стабилност“ во БиХ, но Додик денес посочи дека не се откажува од реториката што го доведе до санкции.
Тој кажа дека „обединетите муслимани и глобалисти“ упорно го уништуваат „дејтонскиот поредок“, поради што Босна и Херцеговина всушност се распаднала. „РС и јас, како претседател, веруваме дека не постои уставна БиХ. Постои БиХ во слободен пад и сакам да кажам нека оди по ѓаволите“, порача Додик.
Тој ја обвини Европската Унија дека поттикнување на безвластие и дека сака да ги одземе сите права на РС, а како главен виновник за тоа ја посочи европската комесарка Марта Кос. „Ако нè влечат во ЕУ без статус и право на глас, јас сум против тоа. РС ќе биде против тоа“, кажа Додик.






