сабота, 12 јули 2025

Дмитриј Песков: Невидливи авиони на НАТО се распоредуваат на границата со Русија

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков денеска изјави дека е тажен од изјавите на лидерите на балтичките земји, нагласувајќи дека многу од нив претставуваат апсурдни позиции.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Песков на овој начин реагираше на изјавата на естонскиот министер за одбрана Хано Певкур за подготвеноста на Естонија да прифати на своја територија невидливи авиони на НАТО Ф-35А, кој може да носат нуклеарно оружје, пренесува РИА Новости.

Певкур за естонскиот весник „Постимис“ изјави дека Естонија, која граничи со Русија и е ротациона база за авионите на НАТО што го штитат балтичкиот воздушен простор, е подготвена да ги прими авионите доколку е потребно.

„Доколку некои од нив, без оглед од која земја доаѓаат, имаат можност да носат нуклеарно оружје, тоа воопшто не ја менува нашата позиција – ние сме подготвени да примиме авиони Ф-35. Секако дека сме подготвени да им бидеме домаќини на нашите сојузници“, рече Певкур.

Според руските медиуми, властите во Москва постојано изразуваат загриженост за зголемувањето на бројот на силите на Алијансата во Европа.

Министерството за надворешни работи на Русија нагласи дека Русија останува отворена за дијалог со НАТО, но на рамноправна основа, под услов Западот да се откаже од политиката на милитаризација на континентот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека тоа би претставувало очигледна закана за Русија.

„Секако дека тоа би претставувало непосредна опасност“, изјави Песков за новинар на руското списание Лајф. Тој додаде дека изјавата на Певкур е една од многуте „апсурдни идеи“ на политичарите од балтичкиот регион.

„Практично немаме никакви односи со балтичките републики бидејќи е многу тешко дополнително да се влошат“, истакна Песков.

Велика Британија ќе купи најмалку 12 авиони Ф-35А кои можат да носат нуклеарни боеви глави, објави британскиот премиер Кир Стармер на самитот на НАТО во Хаг оваа недела, додавајќи дека авионите ќе се приклучат на воздушната мисија на НАТО за нуклеарно одвраќање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ