сабота, 12 јули 2025

Дисидентот Сергеј Тихановски е пуштен од затвор во Белорусија, пристигна во Литванија (ВИДЕО)

Дисидентот Сергеј Тихановски, сопруг на водечката белоруска опозиционерка Светлана Тихановска, која е во егзил, е ослободен од затвор заедно со уште 13 политички затвореници, објави денес невладината организација Вјасна, а пренесува Франс прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Асошиејтед прес пишува дека Тихановски и другите кои беа ослободени пристигнале во Вилнус, Литванија, само неколку часа откако белоруските власти објавија дека претседателот на таа земја, Александар Лукашенко, се сретнал во Минск со Кит Келог, претставникот на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за Украина.

Тихановски беше затворен во 2020 година откако објави план да го предизвика Лукашенко на претседателските избори таа година. По неговото апсење, неговата сопруга се кандидираше наместо него, собирајќи поддршка низ целата земја. Официјалните резултати од изборите на Лукашенко му донесоа шести мандат, но опозицијата и Западот ги прогласија за лажни.

Во услови на големи протести кои избувнаа по гласањето, Тихановска ја напушти земјата под притисок на властите. Нејзиниот сопруг подоцна беше осуден на 19 и пол години затвор под обвинение за организирање масовни немири.

Денес, според Франс прес, Тихановска им се заблагодари на Трамп и на неговите европски партнери за обезбедување на ослободувањето на нејзиниот сопруг, кој беше затворен во Белорусија повеќе од пет години.

„Мојот сопруг Сергеј е слободен! Тешко е да се опише мојата радост. Не сме завршиле бидејќи 1.150 политички затвореници се зад решетки. Сите мора да бидат ослободени“, напиша Тихановска на платформата Икс.

Белоруските власти ослободија 14 затвореници на барање на американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави денес заменикот на специјалниот пратеник Кит Келог, Џон Кол, објави ТАСС.

„Тукушто се вративме од Белорусија со 14 лица кои сега се ослободени од притвор“, напиша Кол на платформата Икс, која се наоѓа во амбасадата на САД во Литванија.

Кол ѝ се заблагодари на литванската влада за нејзината соработка и помош, додавајќи дека Трамп „го охрабрил неговото патување“ во регионот.

Американскиот функционер кажа дека претходно патувал во Белорусија, по што Минск го ослободил американскиот државјанин Јури Зенкович. Тој додаде дека овој пат „14 лица од различни земји беа ослободени“.

Претходно, портпаролот на белоруското министерство за надворешни работи, Руслан Варанков, изјави дека Минск гледа потенцијал за интеракција со сегашната американска администрација и е отворен за дијалог во сите области на соработката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ