„Се согласивме да не се согласиме“, ја сумирал дискусијата за Јуроњуз извор запознаен со случувањата. Според агендата на состанокот, известувачот на Европската народна партија (ЕПП) Фернандо Наварете, кој е задолжен за ова досие, презентирал нов предлог за концептот на дигитално евро наречен „е-готовина“.
Тој модел, според неговиот предлог, би се користел исклучиво за офлајн плаќања и би функционирал како „токенизирана дигитална форма“ на готовина, без отворање малопродажни сметки за корисниците во деловните книги на Европската централна банка (ЕЦБ). Канцеларијата на Фернандо Наварете не одговорила на барањето за коментар до моментот на објавување на написот.
Спротивно на предлогот на ЕПП, Социјалистите и демократите (СиД) и либералната група Обнови ја Европа го поддржуваат предлогот на Европската комисија. Нивниот модел предвидува корисниците да имаат малопродажни сметки во ЕЦБ и да можат да го користат дигиталното евро и за онлајн и за офлајн плаќања.
„Европа мора да ја поседува и контролира својата клучна инфраструктура. Во време на невидени геополитички промени, додека сме сведоци на колапсот на меѓународниот поредок базиран на правила, суверенитетот во плаќањата мора да биде заснован на заедничка инфраструктура“, изјави за Јуроњуз известувачот во сенка на СиД Никос Папандреу.
Европскиот парламент е единствената институција која сè уште не усвоила свој став по ова прашање, откако земјите членки на Европската Унија се согласија за нивниот став минатиот декември. Гласањето за ова досие на пленарната седница на Европскиот парламент се очекува во мај, но поделбите меѓу претставниците би можеле да го спречат неговото усвојување.
Доколку предлогот биде одобрен, Европската комисија, Европскиот парламент и Советот на Европската унија ќе почнат преговори за конечен политички договор. Сепак, никакви преговори меѓу трите институции не можат да започнат сè додека Парламентот не се согласи за својот став.






