среда, 11 февруари 2026

Десетина мртви во пукање во училиште во Канада

Најмалку девет лица се убиени во пукање во средно училиште во оддалечена заедница во североисточна Британска Колумбија, Канада, соопшти полицијата.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Пукањето се случило денеска попладне во средното училиште Тамблер Риџ. Полицијата од Кралската канадска коњичка полиција (РКМП) реагирала околу 13:20 часот по локално време и издала итно предупредување за засолнување на жителите во нивните домови.

Шест лица биле пронајдени мртви во училишната зграда, додека уште една жртва починала за време на транспорт до болница. Две други лица биле откриени мртви во дом за кој се верува дека е поврзан со инцидентот.

Осомничената напаѓачка е потврдена како мртва на местото на настанот. Полицијата соопшти дека лицето било пронајдено со, како што се верува, самонанесена повреда. Осомничената била опишана како жена со кафена коса, облечена во фустан, но идентитетот сè уште не е официјално објавен.

Локалните здравствени установи третираат десетици повредени, иако засега не е објавено колку се сериозни повредите. Според медиумски извештаи, околу 25 лица биле прегледани во локалниот медицински центар.

На виртуелна прес-конференција, главниот полициски началник Флојд од РКМП рече дека истражителите сè уште не можат да утврдат што можело да го мотивира нападот и повика да не се шпекулира. Тој одби да каже колку од жртвите биле деца или возрасни, како и дали напаѓачката била малолетна или возрасна.

„Ги следиме сите траги за да ја утврдиме поврзаноста со напаѓачот“, рече тој. „Мислам дека ќе се соочиме со тешкотии да утврдиме ‘зошто’, но ќе се обидеме да дознаеме што точно се случило“, додал тој.

РКМП мобилизирала дополнителни полицајци од блиските оддели и од тимот за итен одговор на Северниот округ. По неколкучасовна интервенција, наредбата за засолнување била укината околу 18:45 часот и жителите можеле да се вратат на вообичаените активности.

Тамблер Риџ е оддалечен рударски град со околу 2.400 жители. Локалните лидери и жители ја опишале заедницата како „тесно поврзана“, додека верски лидери и стручњаци за ментално здравје им нудат поддршка за семејствата погодени од трагедијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ