За време на масовниот протест во Катманду, приврзаниците на монархијата побараа враќање на поранешниот крал Ѓанендра Бир Бикрам Шах на чело на државата.
На само неколку стотини метри од промонархистичките демонстранти, нивните противници – поддржувачи на владата – се собраа да го прослават Денот на Републиката.
Поради страв од судири меѓу двете групи и немири, стотици полицајци беа распоредени за да ги раздвојат спротивставените демонстранти.
Денешниот митинг на приврзаниците на монархијата е нивен прв протест по 28 март, кога две лица загинаа во судирите со полицијата. Во тоа време беа уапсени неколку демонстранти, кои сѐ уште се во затвор.
Последниве месеци порасна поддршката за барањето Ѓанендра Бир Бикрам Шах да се врати на престолот и хиндуизмот повторно да биде државна религија. Монархистичките групи ги обвинуваат водечките партии во Непал за корупција и лошо управување.
Ѓанендра во 2006 година беше принуден да се откаже од своето авторитарно владеење под притисок на масовните протести, а остана крал до 2008 година, кога парламентот ја укина монархијата и воспостави републикански систем.