Напната борба во Романија
Во Романија во вториот круг се натпреваруваат двајца сосема различни кандидати:
Георге Симион, популист кој е познат по своите критики кон Европската унија и восхит кон Доналд Трамп, и Никушор Дан, центристички независен кандидат и градоначалник на Букурешт, кој се залага за прозападна политика.
Симион, поранешен фудбалски навивач и лидер на екстремно десничарската партија АУР, освои дури 41 отсто од гласовите во првиот круг, речиси двојно повеќе од Дан. Сепак, анкетите покажуваат дека разликата меѓу нив сега е минимална, а некои резултати дури и му даваат мала предност на Дан, кој ги опиша изборите како „борба меѓу прозападната и антизападната Романија“.
Европскиот пратеник Зигфрид Муресан изјави дека „овие избори не се само избор на претседателот, туку и избор на насоката по која ќе тргне Романија“. Според него, победата на Симеон би можела „да го ослабне европското единство, да ја загрози поддршката за Украина и директно да му користи на Владимир Путин“.
Победата на Симион веќе предизвика политичка криза: владејачката коалиција на социјалдемократите (ПСД) и либералите (ПНЛ) се распадна, а новиот претседател ќе има клучна улога во формирањето на новата влада. Симион објави дека, доколку победи, ќе го назначи Калин Ѓорѓеску, кој е под истрага за нерегуларности во кампањата и врски со екстремистички групи, за премиер.
Политиката на Симион предизвикува загриженост и во Брисел и на финансиските пазари. Неговата победа би можела да ги наруши односите со ЕУ, да ја загрози поддршката за Украина и да ја доближи Романија до лидери како Виктор Орбан во Унгарија и Роберт Фицо во Словачка.
Политичките аналитичари предупредуваат дека владеењето на Симион би можело да доведе до економска нестабилност и влошување на бизнис климата, пренесува Гардијан.
Претседателски избори во Полска
Полјаците гласаат во првиот круг од претседателските избори, каде што дури 13 кандидати се борат за функцијата шеф на државата.
Рафал Часковски, градоначалник на Варшава и член на Граѓанската коалиција на Доналд Туск, води во анкетите.
Негов главен ривал е Карол Навроски, историчар кој е независен, но има поддршка од поранешната конзервативна влада на Партијата за право и правда (ПиС).
Анкетите предвидуваат дека двајцата ќе се соочат во вториот круг закажан за 1 јуни. Победникот би можел значително да влијае на политичката насока на Полска, особено затоа што претседателот има право на вето врз законите усвоени од парламентот.
Парламентарни избори во Португалија
Португалците излегуваат на гласачки места на третите предвремени избори во последните три години. Десничарскиот премиер Луис Монтенегро го загуби гласањето за доверба поради прашањата за деловните активности на неговото семејство.
Според анкетите, неговата партија Демократскиот сојуз (АД) ќе биде прва, но без мнозинство.
Социјалистичката партија (ПС) вети дека ќе ја блокира неговата законодавна агенда, што би можело да го отежни формирањето влада.
Монтенегро ја отфрли можноста за соработка со екстремно десничарската партија Чега, чиј лидер неодамна беше хоспитализиран откако двапати колабираше на митинзи.