среда, 7 мај 2025

Денес во Грција сè сопре: работниците штрајкуваат поради високите трошоци и малите плати

Водечките грчки синдикати од приватниот и јавниот сектор денес организираат еднодневен генерален штрајк, барајќи поголеми плати поради растот на трошоците за живот, а општиот прекин на работата уште од утрото го парализираше животот во Грција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На штрајк повикаа двата главни синдикати кои ги застапуваат вработените во приватниот и јавниот сектор – Генералната конфедерација на грчките работници (ГСЕЕ) и синдикатот на вработените во јавните служби АДЕДИ.

Основната причина е наглиот пораст на животните трошоци, а воедно и стравот дека новите царини кои ги воведоа Соединетите Американски Држави ќе ја отежнат позицијата на вработените.

„Порастот на трошоците ги нагризува платите на вработените, а владата не покажува дека се грижи за тоа“, соопшти ГСЕЕ. Според наводите на тој синдикат, голем дел од населението троши повеќе од 40 отсто од своите приходи на станарина и греење.

Повикот на еднодневен прекин на работата се однесува на речиси сите дејности, вклучувајќи го јавниот превоз, авионскиот и поморскиот сообраќај, образованието и градската администрација, пишува Катимерини.

На штрајкот му се придружија и контролорите на летање, и иако беше предложено да им се забрани тоа, суд вчера попладне пресуди дека и тие имаат право на штрајк.

Траектите од утринава останаа во пристаништата, како и бродовите, бидејќи во прекинот на работата учествува и Панхеленската федерација на поморци (ПНО).

Островите се отсечени од континенталниот дел на земјата, а странските туристи се заробени на аеродромите, или воопшто не успеале да стигнат до своите дестинации во Грција.

Метрото и надземната железница во Атина работат со ограничено време, и по изменет возен ред, а дел од станиците се затворени. Слично, како што е најавено, функционира градскиот превоз во цела Грција.

Редовниот железнички сообраќај во земјата е целосно сопрен, вклучувајќи ги приградските линии.

Низ земјата се одржуваат демонстрации, а синдикатите повикаа на централен протест во Атина. На протест повика и грчката федерација на вработени во угостителството и туризмот.

Синдикатите бараат корекции на колективните договори во сите сектори, зголемување на платите, повторно воведување 13-та и 14-та плата и политички мерки кои ќе го ублажат инфлацискиот притисок врз населението и кризата со достапен станбен простор.

Во Грција, кога беше принудена со меѓународна помош да се извлекува од тешката должничка криза, беа укинати многу права на работниците. Во последните години Грција успеа да се извлече од тешката финансиска криза, а нејзината економија е во подем, но тоа Грците не го чувствуваат на своја кожа. Грција, иако во меѓувреме има економски раст од околу 2 отсто над европскиот просек, во Европската Унија останува на опашката според реалните заработки и куповната моќ.

Владата се наоѓа пред дилема како да ги зголеми платите и стандардот, без воедно да подгрее инфлацијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ