Во Унгарија атмосферата е како на референдум, пишува Н1 од Будимпешта.
Според медиумот, во Унгарија нема предизборен молк, па интензитетот е висок и во самиот фотофиниш на кампањата.
Виктор Орбан вечерва има завршен митинг во Будим, иако главниот град традиционално гласа за опозицијата, додека Петер Маѓар завршниот митинг го има во Дебрецин, кој е упориште на режимот.
Синоќа беше одржан митинг, концерт, „за вознемирување на системот“, како што би можело да се преведе. Од бината се слушна дека тоа е „унгарски Вудсток“, „проштална забава за Виктор Орбан“…
„Апсолутно мислам дека промената е можна, ѝ се радувам на промената, народот сега навистина да одлучи, да го замениме корумпираниот систем овде, младите да добијат шанса. Мислам дека мнозинството гласачи на Тиса не гласаат за Петер Маѓар или за Тиса, туку за Тиса зашто Маѓар е единствениот што успеа да создаде силна опозиција што ќе донесе промени“, рекла за Н1 една девојка.
„Веројатно може да дојде до смена на режимот в недела, во моментов постои шанса за апсолутно сè. Не гласаме за или против поединец, туку за поинаков пат. Порано или подоцна секогаш се јавува потреба од промена на режимот, историјата покажува дека ниеден систем не бил вечен и не може да биде, значи обновување, промена, системот стана корумпиран, верувам дека в недела ќе можеме да се радуваме на добар исход“, вели еден млад човек.
Репортерката на Н1 вели дека проекциите покажуваат дека Маѓар би можел не само сериозно да го загрози Орбан, туку и да го испрати во опозиција, поединечни анкети му даваат предност од 10, па и до 15 проценти, но аналитичарите велат дека унгарскиот изборен систем е сложен и дека е неблагодарно да се предвидуваат резултатите.
Се гласа комбинирано – и за листи, но и за претставници на окрузи, од кои во Унгарија има 106, а секој дава по еден пратеник во парламентот, кој има 199 места.
Говорејќи за условите, репортерката на Н1 пренесува дека тие се нерамноправни, бидејќи голем број медиуми се под контрола на власта, а забележани се и други изборни нерегуларности.
Право на глас има, вклучително и дијаспората, нешто повеќе од осум милиони гласачи, а ќе избираат меѓу пет партии – покрај Фидес и Тиса, тука се и три помали партии.
Пораките во кампањата беа различни. Орбан ја базираше својата кампања на пораки за мир, како гарант на безбедноста, Маѓар го претставуваше како агент на Брисел и Киев, кој ќе ги испрати унгарските војници на источниот фронт, во Украина, додека кампањата на Маѓар беше насочена кон економијата, борбата против корупцијата, расчистување со претходниот систем, одмрзнување на европските средства…
Интензивна кампања, интензивно и во фотофинишот, ден пред изборите што се опишуваат како „најважните избори во поновата унгарска историја“.






