Од подобрената нуклеарна ракета со речиси глобален дострел, до ласерски системи за воздушна одбрана, хиперсонично оружје и поморски дронови способни да ги преплават околните мориња – Кина вчера испрати силна порака за одвраќање преку својата најголема воена парада досега.
Во говорот, Си ја претстави Кина како сила во служба на светскиот мир и против хегемонијата. „Денес, човештвото повторно се соочува со клучни избори: мир или војна? Дијалог или конфронтација? Заемно корисна соработка или соперништво кое никому ништо не носи?“, кажа Си. „Кинескиот народ цврсто стои на вистинската страна на историјата, на страната на човечката цивилизација и напредокот“.
По инспекцијата на војниците наредени по главната сообраќајница исток-запад во Пекинг од отворена лимузина, Си гледаше парада од 45 формации, вклучувајќи новоформирани единици на Народноослободителната армија и повеќе видови оружје што никогаш порано не биле видени во јавноста.
Овој настан го означи првиот пат кога кинеските, руските и севернокорејските лидери се собраа на исто место. Воените аналитичари и дипломати проценија дека Си го искористи настанот за да испрати порака до разновидна група – од САД и нивните сојузници, преку соседите и регионалните сили како Индија и Русија, па сè до потенцијалните купувачи на технологијата.
„Без оглед на сите оперативни прашања што ги придружуваат некои од овие нови елементи, Кина испрати порака за технолошки напредок и воена моќ на сите фронтови – навистина има многу со што ќе мора да се справат конкурентските воени планери“, вели за Ројтерс безбедносниот аналитичар Александар Нил, кој работи во Сингапур.
За прв пат, Кина ја прикажа својата целосна нуклеарна тријада – оружје што може да се користи од копно, море и воздух – вклучувајќи ја и редизајнираната интерконтинентална балистичка ракета ДФ-5Ц со дострел од 20.000 километри, како и новата мобилна ракета со долг дострел ДФ-61.
Освен на стратегиско ниво, кинеската војска ја покажа и својата решеност да доминира во околните мориња.
Широкиот спектар на ново оружје би можел да ги комплицира плановите на САД и нивните сојузници во каков било конфликт во Источна Азија, изјави Џејмс Чар експерт за кинеската одбрана на Школата за меѓународни студии С. Раџаратнам во Сингапур.
„Комбинацијата од (морските) беспилотни летала што ги поседуваат и ракетата ќе создаде простор каде што странските морнарици дури и нема да можат да влезат за да интервенираат“, рече Чар.
Пошироко, додаваат Чар и други аналитичари, Кина веројатно сакаше да им покаже на помалите земји дека сега стои како „гарант на мирот“, во време кога постојат сомнежи за политичката, дипломатската и воената улога на САД низ целиот свет.
Поточно, новите беспилотни летала во облик на торпедо и низата хиперсонични оружја од нуклеарната тријада би претставувале сериозна закана за САД и нивните партнери.
Доколку повеќе кога се комбинираат со растечкиот број балистички ракети со среден дострел ДФ-26 во Кина, опремени со управувани боеви глави способни да таргетираат бродови и бази како Гуам.
Аналитичарите долго време истакнуваат дека во секој конфликт околу Тајван, Кина ќе мора ефикасно да обезбеди контрола врз Јужното и Источното Кинеско Море за да обезбеди успех – што не е лесна задача, со оглед на традиционалната доминација на САД низ Источна Азија.
Кинескиот претседател кажа дека Народноослободителната армија „решително ќе го заштити националниот суверенитет, единството и територијалниот интегритет“ – што е код за целта на Пекинг да ја преземе контролата врз Тајван. „Големото оживување на кинеската нација е незапирливо“, додаде Си.
Зад уредно демонстрираната прецизност и дисциплина прикажани на парадата во Пекинг, остануваат прашањата за вистинските способности и дострелот на новото оружје, истакнува Ројтерс.
Иако Кина претстави ново оружје за кое тврди дека е оперативно, дали навистина е така е друго прашање, рече воениот експерт Чие Чунг, истражувач од Асоцијацијата за стратегиска визија со седиште во Тајпеј.
„Некои од оружјата може да бидат распоредени во помал обем, подложени на „тестирање на терен во употреба“ и можеби сè уште не се целосно стандардизирани или подготвени за масовно производство“, вели тој.
Чар, Нил и други аналитичари посочија на високото ниво на технологија што беше прикажана, особено очигледната намера за интегрирање на различни системи со воздушна одбрана, системи за борбена команда и контрола и беспилотни летала.
На пример, беше претставен новиот главен борбен тенк тип-100, полн со нови системи, вклучувајќи беспилотни летала за воздушна одбрана и извидување.
Беа прикажани и новоформирани единици за вселенски операции, киберпростор и информациска поддршка, кои покажаа подготвеност да се натпреваруваат во напредните области на вселенското и електронското војување.
„Западните војски можеби сè уште имаат оперативна предност, но нема сомнение дека Кина сака да покаже дека брзо ги достигнува“, кажа Нил, додавајќи дека САД генерално се повнимателни кога станува збор за откривање детали за оружјето што се развива. „Се прашувам дали постои елемент на кинеска желба да ја продадат оваа технологија на други армии… бидејќи имаше неколку трикови во сето ова“, додаде тој.
Кери Браун, професор по кинески студии на Кингс колеџ во Лондон, изјави за Фајненшл тајмс дека парадата е „моќна демонстрација на кинеската моќ, напредок и сила, па затоа е одлична за домашна пропаганда“. Но, тој додаде дека иако парадата може да ги вознемири западните земји, кинеската војска и голем дел од нејзиното оружје не се тестирани во битка.
„Сè изгледа добро“, рече Браун. „Тие сигурно знаат како да маршираат, можат да приредат одлична парада, но не биле во војна со децении. Тоа е целосно нетестирана армија“.
Додека парадата беше во тек, американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини Си, Путин и Ким за заговор против САД и го повика кинескиот лидер да се потсети на улогата на Америка за време на војната. „Многу Американци загинаа во борбата на Кина за победа и слава. Се надевам дека ќе бидат правилно почитувани и запомнети за нивната храброст и жртва!“, објави тој на својата социјална мрежа Трут соушал. „Ве молам, пренесете ги моите најтопли поздрави до Владимир Путин и Ким Џонг Ун додека заговарате против САД“.
Вчера, кога беше прашан за коментарот на Трамп, Путин кажа дека американскиот претседател има чувство за хумор и додаде дека сите функционери со кои разговарал во Кина го поддржале руско-американскиот самит во Алјаска и изразиле надеж дека тие разговори би можеле да помогнат во завршувањето на војната во Украина.
Трамп синоќа изјави дека смета дека воената парада во Кина е „прекрасна церемонија“, но додаде дека САД требало да бидат споменати за време на говорот. „Мислам дека беше прекрасна церемонија. Мислам дека беше многу, многу импресивно“, кажа Трамп во Овалната соба.
„Го гледав говорот синоќа. Претседателот Си ми е пријател, но сметам дека САД требаше да бидат споменати за време на тој говор, бидејќи ние многу, многу ѝ помогнавме на Кина.“






