Во Њујорк Зохран Мамдани, 34-годишен демократски социјалист, победи во градоначалничката трка, завршувајќи го метеорскиот и неочекуван подем од анонимен државен пратеник до една од најистакнатите личности во Демократската партија во земјата.
Умерените демократки Абигејл Спанбергер (46) и Мајки Шерил (53) победија на гувернерските трки во Вирџинија и Њу Џерси.
„Ако некој може да ѝ покаже на една нација изневерена од Доналд Трамп како да го порази, тоа е градот што го изнедри. И ако постои начин да се исплаши еден деспот, тоа е со отстранување на самите услови што му дозволија да натрупа моќ“, рече Мамдани пред насобраната толпа што му ракоплескаше.
„Значи, Доналде Трамп, бидејќи знам дека ме гледаш, имам два збора за тебе: попушти звук.“
Изборите во вторникот послужија како барометар за тоа како Американците реагираат на бурните девет месеци на функцијата на Трамп. Тоа беше и тест за различните стратегии на Демократската партија пред 2026 година, бидејќи партијата останува без власт во Вашингтон и се бори да го врати политичкото влијание.
Но до меѓуизборите има уште една година, цела вечност во ерата на Доналд Трамп, а анкетите покажуваат дека Демократската партија сè уште ужива ниска јавна доверба, дури и кога поддршката за Трамп опаѓа, пишува Ројтерс.
Највнимателно следените трки во вторникот беа во областите наклонети кон демократите, кои не го поддржаа Трамп на претседателските избори минатата година и ќе имаат мало влијание врз претстојните битки за контрола на Конгресот.
„Не мислам дека вечерашните резултати се целосна слика за тоа како ќе изгледа следниот изборен циклус“, рече Антван Сирајт, демократски стратег во Јужна Каролина. „Затоа мислам дека треба да продолжиме да ги мотивираме, информираме и мобилизираме гласачите што излегоа на гласачките места вечерва за да се осигуриме дека ќе останат на страната на демократите.“
Трамп како кривец за поразите го посочи тоа што неговото име не било на гласачкото ливче, исто како и за сегашната блокада на федералната влада
Републиканците моментално имаат мнозинство од 219-213 во Претставничкиот дом и мнозинство од 53-47 во Сенатот. За да го освојат мнозинството во Сенатот, демократите ќе мора да ги бранат местата во жестоко конкурентните држави како Џорџија, Мичиген и Минесота, а истовремено да се пробијат во републиканските упоришта како Флорида и Северна Каролина.
Сепак, како што истакнува Ројтерс, партијата на претседателот традиционално губи места во Претставничкиот дом на меѓуизборите. Демократите освоија мнозинство во 2018 година, првите меѓуизбори во мандатот на Трамп, кога добија 41 ново место, со што Спанбергер и Шерил првпат влегоа во Конгресот. Демократите го искористија тоа мнозинство за да ја надгледуваат администрацијата на Трамп и двапати гласаа за негов импичмент.
„Мислам дека е многу поважно тоа што умерените кандидатки победија во големите држави што често избираат републикански гувернери отколку што кандидат од крајната левица победи во Њујорк“, рече Мет Бенет, потпретседател на „Третиот пат“ (Third Way), центристички демократски институт.
Гардијан пишува дека политичката историја покажува дека демократите честопати погрешно го толкуваат успехот.
Весникот потсетува дека во 2022 година, кога тесно го загубија мнозинството во Претставничкиот дом, но постигнаа подобар резултат од очекуваното, демократите го протолкуваа тоа како знак дека сè е во ред со постоечката состојба. Наместо да го отстранат Џо Бајден, тие му дозволија да се кандидира за втор претседателски мандат и ја платија цената за тоа.
„Демократите би биле мудри да не го преувеличуваат значењето на победата во вторникот. Партијата што е надвор од власта обично се ремобилизира и добива енергија. Трамп загуби три пати во Њу Џерси и Вирџинија. Во Њујорк, Мамдани не можеше да побара посоодветен противник од Ендру Куомо, оптоварен со скандали“, вели Гардијан. Во него се истакнува дека угледот на партијата продолжува да опаѓа и покрај силните резултати на вонредните избори во текот на годината.
Рејтингот на одобрување на партијата падна на најниско ниво за 30 години во јули. Анкета спроведена минатата недела од Вашингтон пост, Еј-би-си њуз и Ипсос покажа дека 68 проценти од Американците веруваат дека демократите го изгубиле контактот со реалноста, во споредба со 63 проценти од оние што мислат исто за Трамп.
„Ова се мешани сигнали за Демократската партија, која сè уште бара начин да се врати на политичката сцена. Дали изборите во 2024 година претставуваа тектонски пресврт што бараше целосна обнова на партијата или само тесен пораз на кандидат со недостатоци, кој имаше само 107 дена за кампања? Дали демократите треба да изградат сè од нула или само да вдахнат нов живот во постоечкиот модел?“, се вели во анализата на Гардијан и се додава дека изборите во вторникот сами по себе не се доволни за да се реши загатката.
Ројтерс пишува дека најважната победа за демократите во борбата за контрола на Претставничкиот дом дојде во Калифорнија, каде што гласачите одобрија мерка што им овозможува на државните пратеници да усвојат нова мапа на Конгресот, што би можело да ѝ донесе на Демократската партија дури пет нови места. Ова го неутрализираше сличниот потег во Тексас, спроведен во корист на републиканците, како дел од пошироката национална битка за прецртување на изборните граници.
Кандидатите што победија во вторникот би можеле да ја обноват енергијата и да инспирираат поголем ангажман меѓу демократските гласачи, од кои многумина долго време бараа нови лица на чело на партијата. Излезноста на изборите за градоначалник на Њујорк беше највисока од најмалку 1969 година.
Сите тројца демократски кандидати ги нагласија економските прашања, особено прашањето за трошоците за живот, што останува врвен приоритет за повеќето гласачи. Но Спанбергер и Шерил доаѓаат од умереното крило на партијата, додека Мамдани, потпирајќи се на кампања помогната од вирални видеа, се претстави како отворен прогресивен човек, моделиран според сенаторот Берни Сандерс и конгресменката Александра Окасио-Кортез.
Мамдани, кој ќе стане првиот муслимански градоначалник на голем американски град, го победи поранешниот демократски гувернер Куомо (67), кој се кандидираше како независен откако ја изгуби номинацијата на партијата од Мамдани претходно оваа година. Куомо, кој поднесе оставка од функцијата гувернер пред четири години поради обвинувања за сексуално вознемирување што тој ги негира, го претстави Мамдани како радикален левичар чии предлози се нефункционални и опасни.
За републиканците, овие избори се прв аларм дека партијата би можела да се соочи со тешкотии во мобилизирањето на коалицијата на Трамп кога тој самиот не е кандидат
Мамдани повика на зголемување на даноците за корпорациите и богатите за финансирање на амбициозните левичарски политики, како што се замрзнување на кириите, бесплатна грижа за деца и бесплатен градски автобуски превоз. Раководителите на Волстрит изразија загриженост за идејата демократски социјалист да ја преземе финансиската престолнина на светот.
Републиканците веќе ја сигнализираа својата намера да го претстават Мамдани како новото лице на Демократската партија. Трамп погрешно го окарактеризира Мамдани како „комунист“ и вети дека ќе го намали финансирањето на градот како одговор на неговото доаѓање на власт.
Во објава на социјалните мрежи доцна во вторникот, Трамп изборните порази и сегашната блокада на федералната влада ги припиша на отсуството на неговото име на гласачкото ливче.
За републиканците, изборите се прв аларм дека партијата би можела да се соочи со тешкотии во мобилизирањето на коалицијата на Трамп кога тој самиот не е кандидат.
Потпретседателот Џ.Д. Венс го призна проблемот во објава на социјалните мрежи вчера, велејќи дека републиканците треба подобро да ги мотивираат помалку сигурните гласачи, кои го поддржаа Трамп на изборите во 2024 година.






