недела, 8 јуни 2025

Дебел слој сахарска прашина го прекри Крит, луѓето предупредени да не излегуваат надвор (ФОТО+ВИДЕО)

Дебел слој сахарска прашина покри делови од Крит и создаде речиси надреална сцена во Ираклион и Ханија, каде небото доби портокалова боја, а воздухот стана задушувачки. Прашината во комбинација со високите температури и повремениот дожд го отежнува дишењето и секојдневните активности.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Дирекцијата за цивилна заштита на регионот на Крит ги повика граѓаните да избегнуваат излегувања, особено постарите лица, децата и сите со срцеви или респираторни проблеми. Според метеоролозите ваквата состојба би можела да трае до недела навечер, кога се очекува слабеење на југоисточните ветрови кои носат прашина од Северна Африка кон грчките острови.

Жителите на Ираклион вчера наутро ги затекнале улиците и возилата покриени со дебел слој прашина. Според грчкиот портал Крит24, Калуст Парагамијан, директор на Институтот за спелеолошки истражувања на Грција, пресметал дека само во неделата, на 25 мај, на 1.000 квадратни метри во областа Ираклион паднале околу 21 килограм сахарска прашина.

Парагамиан во објава на социјалните мрежи напиша: „Метејќи ги плочките пред лабораторијата, собравме 250 грама прашина од површина на 12 метри квадратни. Тоа значи дека вчера во Ираклион паднаа приближно 21 килограм прашина на 1.000 квадратни метри!“

Тој сподели и фотографија од честички прашина снимена со помош на стереоскоп со зголемување од 45 пати, на која јасно се гледаат сложени микроструктури. Ваквите ситни честички, предупредуваат експертите, лесно стигнуваат длабоко во белите дробови и можат да ги влошат здравствените состојби, особено кај чувствителните групи.

Вчера небото сè уште имаше жолтеникаво-портокалова нијанса. Иако е позната појавата на сахарска прашина над Медитеранот, оваа густина и количина над Крит ретко се гледа.

Многу жители ја опишаа сцената како „пустински пејзаж“ и „воздух што може да се сече со нож“. Надлежните го следат развојот на ситуацијата и ги советуваат граѓаните да останат во затворен простор, да користат прочистувачи на воздух доколку ги имаат и да носат заштитни маски доколку треба да излезат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ