недела, 1 март 2026

Дебатата за воените овластувања се засилува откако Трамп нареди напад врз Иран без одобрение од Конгресот

Клучни членови на Конгресот бараат брзо гласање за резолуција за воените овластувања што би го ограничила воениот напад на претседателот Доналд Трамп врз Иран, освен ако администрацијата не добие нивно одобрение за, како што предупредуваат, потенцијално незаконски напади што ризикуваат да ги вовлечат Соединетите Американски Држави во подлабок конфликт на Блискиот Исток, пишува Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

И Претставничкиот дом и Сенатот, каде што претседателовата Републиканска партија има тесно мнозинство, ги подготвиле ваквите резолуции уште долго пред нападите во саботата. Сега се подготвени следната недела да влезат во ретка дебата за воените овластувања, која ќе послужи како референдум за одлуката на Трамп самостојно да преземе воена акција без формално одобрение од Конгресот.

„Зар претседателот Трамп не научи ништо од децениите американско мешање во Иран и бесконечните војни на Блискиот Исток?“, рече сенаторот Тим Кеин од Вирџинија, еден од лидерите на двопартискиот потфат. Тој рече дека нападите врз Иран биле „колосална грешка“.

Во Претставничкиот дом, конгресмените Ро Кана од Калифорнија и Томас Маси од Кентаки бараат Конгресот јавно да гласа за нивната сопствена двопартиска мерка. „Конгресот мора да се состане в понеделник за да гласа“, рече Кана, „за да се запре ова“.

Маси го критикуваше и самиот изборен слоган на Трамп и рече: „Ова не е ‘Америка на прво место’“.

Но повеќето републиканци, особено нивните лидери, го поздравија потегот на Трамп против Иран. Многумина ги наведоа нуклеарната програма и ракетните капацитети на долгогодишниот американски противник како причина што бара воен одговор.

„Добро сторено, господине претседател“, рече сенаторот Линдзи Греам од Јужна Каролина. „Додека ја следам оваа историска операција, воодушевен сум од решителноста на претседателот Трамп да биде човек на мирот, но на крајот — најлош кошмар за злото“.

Дебатата за воените овластувања го става Конгресот на тест

Одлуката на администрацијата да го почне, заедно со Израел, она што изгледа како отворена заедничка воена операција насочена кон промена на владата во Техеран ја тестира уставната поделба на власта на длабоки и драматични начини. Речиси два месеци претходно, Трамп ги нареди американските напади со кои беше соборен венецуелскиот лидер Николас Мадуро.

Иако претседателите имаат овластување како врховни команданти самостојно да спроведуваат одредени стратегиски воени операции, Уставот му ја дава на Конгресот моќта да објавува војна. Пред почетокот на војната во Ирак во март 2003 година, републиканскиот претседател Џорџ Буш водеше повеќемесечна кампања за да обезбеди одобрение од Конгресот. За Иран немаше ни обид за такво гласање, а претходниот обид во Сенатот да се запрат постапките на Трамп по нападот минатото лето врз Иран пропадна.

Дебатата во Конгресот за воените овластувања најверојатно би била претежно симболична, вели АП. Дури и ако резолуцијата биде усвоена во тесно поделениот Конгрес, Трамп веројатно би ставил вето, а Конгресот нема двотретинско мнозинство, кое е потребно за да го поништи тоа. Конгресот често не успева да ги блокира американските воени акции, вклучително и при гласањето во Сенатот за Венецуела, но тие гласања остануваат јавен запис.

Републиканските лидери ја поддржуваат акцијата на Трамп

Реакцијата на претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон ги одрази долгогодишните ставови на партијата. Иран, рече тој, се соочува со „тешките последици од своите злобни постапки“.

Џонсон, од Луизијана, изјави дека лидерите на Претставничкиот дом и Сенатот и соодветните разузнавачки комитети биле детално информирани претходно во неделата дека воената акција „може да стане неопходна“ за заштита на американските војници и граѓани во Иран. Тој рече дека добил информации од државниот секретар Марко Рубио и дека ќе остане во „близок контакт“ со Трамп и Министерството за одбрана „додека операцијата продолжува“.

Лидерот на мнозинството во Сенатот Џон Тјун од Јужна Дакота го пофали Трамп „за преземената акција за спречување на овие закани“.

Тјун рече дека со нетрпение очекува функционерите од администрацијата да ги информираат сите сенатори — сигнал дека законодавците бараат повеќе одговори на своите прашања за плановите на Трамп.

Демократите предупредуваат дека нападите се незаконски

Многу демократи ја нарекуваат операцијата незаконска, велејќи дека Уставот правото да објавува војна му го дава единствено на Конгресот. Според нив, администрацијата не ги изложила ниту причините ниту планот за воените напади и нивните последици.

Сенаторот Крис ван Холан, кој е член на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, рече дека претседателот започнал „незаконска војна за промена на режимот против Иран“.

„Ова не нè прави побезбедни и само им штети на САД и на нашите интереси“, напиша Ван Холан од Мериленд на социјалните мрежи. „Сенатот мора веднаш да гласа за резолуцијата за воените овластувања за да се запре тоа“.

Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис од Њујорк, изјави дека иако Иран е „лош актер и мора решително да се сузбие“ поради прекршувањата на човековите права и заканата за САД и сојузниците, администрацијата „мора да побара одобрение за превентивна употреба на воена сила што претставува чин на војна“.

Сенаторот од Њујорк Чак Шумер, лидер на демократите, побара Конгресот веднаш да биде информиран за плановите на администрацијата.

„На Иран никогаш не смее да му се дозволи да добие нуклеарно оружје, но американскиот народ не сака уште една бесконечна и скапа војна на Блискиот Исток кога дома има толку многу проблеми“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ