среда, 7 јануари 2026

Данската премиерка: Ако Трамп го нападне Гренланд, НАТО е готово

Данската премиерка Мете Фредериксен упати остро предупредување дека можниот американски напад врз Гренланд би значел крај на НАТО. „Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд треба да се сфатат сериозно“, изјави Фредериксен во интервју за телевизијата ТВ2.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Но исто така јасно ќе кажам дека, ако САД одлучат воено да нападнат друга земја членка на НАТО, тогаш запира сè — вклучително и НАТО, а со тоа и безбедноста што е воспоставена од крајот на Втората светска војна“, додаде Фредериксен, нагласувајќи дека анексијата на арктичкиот остров би значела дека „сè запира“.

Доналд Трамп подолго време се залага островот богат со минерали, кој е во голема мера автономен, но е дел од Данска, да им се припои на САД. Таквиот потег го нарекува стратегиска нужност, при што не ја исклучува ниту употребата на сила ниту економскиот притисок.

„Гренланд ни е потребен поради прашања на националната безбедност“, им изјави тој на новинарите во претседателскиот авион Ер форс уан во неделата. „Ќе се занимаваме со Гренланд за отприлика два месеци. Ајде да зборуваме за Гренланд за 20 дена“, додаде, без да открие детали за своите планови.

Најновите изјави на Трамп дојдоа откако САД изведоа напади врз Венецуела и го уапсија нејзиниот лидер Николас Мадуро. Таа драматична акција предизвика стравувања во Европа дека Вашингтон би можел да се почувствува охрабрен следно да го анектира Гренланд.

Како одговор, лидерите — од нордиските земји до Обединетото Кралство — ветија поддршка за Копенхаген и за правото на Гренланд на самоопределување.

Трамп првпат јавно изрази интерес за преземање на Гренланд уште во 2019 година, за време на својот прв мандат, кога идејата за купување на арктичкиот остров ја нарече „голема зделка со недвижности“. Предлогот тогаш предизвика дипломатски скандал, откако Данска го отфрли како апсурден, поради што Доналд Трамп дури ја откажа и официјалната посета на Копенхаген.

Иако првично беше доживеана како несериозна, опсесијата на Трамп со Гренланд оттогаш повремено се враќа во неговите јавни настапи, особено во контекст на националната безбедност и глобалната трка со Кина и Русија.

Гренланд има исклучителна геостратегиска вредност поради својата положба на Арктикот, богатите наоѓалишта на ретки минерали и клучната американска воена база Туле, која е дел од американскиот систем за противракетна одбрана. Островот има широка автономија, но формално ѝ припаѓа на Данска, а неговите жители со години расправаат за можната независност.

Изјавите на Трамп за можна употреба на сила или економска присила дополнително ги заострија односите во рамките на сојузот, бидејќи секое еднострано американско дејствување против Гренланд би претставувало преседан во рамките на НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ