недела, 14 декември 2025

Данска го укинува данокот на книги за да го поттикне читањето

Данска планира да го укине највисокиот данок на книги во светот во обид да ги охрабри луѓето да читаат повеќе.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Данокот на книги во Данска изнесува 25 отсто, а владата верува дека таквата политика придонесува за растечката „криза на читање“.

Министерот за култура Јакоб Енгел Шмит објави дека владата ќе предложи во својот буџетски план да го укине данокот на книги, што ќе ја чини земјата 330 милиони дански круни (44 милиони евра) годишно, објавува Гардијан.

Енгел Шмит кажа дека верува дека мора да се преземат ризици за да се стави крај на кризата со читање што се шири во последните години.

„Неверојатно сум горд. Не се случува секој ден некој да успее да ги убеди колегите дека толку огромна сума пари треба да се инвестира во потрошувачката и културата на Данците“, кажа министерот.

Другите нордиски земји исто така имаат стандардна даночна стапка од 25 отсто, но не ја применуваат за книгите. Во Финска, ДДВ за книги е 14 отсто, во Шведска е 6 отсто, а во Норвешка не се наплаќа.

Во 2001 година, Шведска го намали данокот на книги, што ја зголеми продажбата на книги, но, како што покажа анализата, книгите ги купуваа оние кои веќе читале.

Енгел Шмит кажа дека целта е да се шири литературата и дека веќе се издвоени пари за зајакнување на соработката меѓу јавните библиотеки и училиштата, за да можат повеќе деца да се запознаат со добрата литература.

Во Данска, која има малку повеќе од шест милиони жители, во 2023 година се продадени 8,3 милиони книги, во книжарниците и преку интернет, според податоците од националната агенција за статистика.

Најмногу се продавале детски книги, сликовници и книги со активности, а другите најпопуларни жанрови биле криминалистички романи и трилери.

Ако оваа мерка не доведе до пад на цените на книгите, Енгел Шмит кажа дека ќе размисли повторно дали тоа бил правилен потег.

„Секако, ќе следам како се развиваат цените. Ако се покаже дека укинувањето на ДДВ само води до зголемување на профитот на издавачите, а цените на книгите не паѓаат, тогаш мора да размислиме дали тоа било правилно“, кажа Енгел Шмит.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ