недела, 8 јуни 2025

Дан е новиот романски претседател, поддржувачите скандираа: „Русијо, не заборавај, Романија не е твоја“

Градоначалникот на Букурешт Никушор Дан, центрист, на претседателските избори во Романија во неделата го победи својот ривал Џорџе Симион, десничар и националист инспириран од политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Официјалните резултати од речиси сите избирачки места покажаа дека Дан добил околу 54 отсто од гласовите на избирачите во членката на ЕУ и НАТО, која има околу 19 милиони жители, додека поддржувачот на Трамп, Симион, добил 46 отсто.

Дан (55), смирен математичар, успеа во последен момент да избие на врвот во последните денови, откако со недели заостануваше зад Симеон, евроскептик што сакаше да ја прекине воената помош за Украина во војната со Русија. Изборите забележаа најголем одѕив на изборите во Романија во последните 25 години.

Симеон, кој освои најмногу гласови во првиот круг од изборите пред две недели – 41 процент – го призна поразот откако претходно изјави дека победил на изборите, според Ројтерс.

Дан водеше кампања на ветувањата дека ќе се бори против неконтролираната корупција, ќе ја задржи поддршката за Украина – каде што Романија игра важна логистичка улога – и ќе ја задржи земјата цврсто во рамките на европскиот мејнстрим.

Во неделата вечерта во главниот град Букурешт, поддржувачите на Дан извикуваа „Русијо, не заборавај, Романија не е твоја“.

Цврсто наклонет кон ЕУ и НАТО, Дан пред изборите рече дека поддршката на Романија за Украина е клучна за нејзината безбедност од растечката руска закана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му честиташе на Дан за неговата „историска победа“, пишувајќи на социјалните мрежи: „За Украина – како сосед и пријател – важно е да се има Романија како сигурен партнер“.

Гласањето во Романија се одржа на ист ден со првиот круг од изборите во Полска, на кои либералниот фаворит Рафал Тржасковски го победи Карол Навроцки, кандидат поддржан од опозициската националистичка партија Право и правда (ПиС).

И едните и другите избори внимателно се следат низ цела Европа поради загриженоста дека народниот гнев кон главните елити поради миграцијата и притисоците врз трошоците за живот може да ја зајакне поддршката за Трамп и да го поткопа единството на континентот околу тоа како да се справува со Русија.

Фото: ЕПА

Меѓутоа, во Романија, изборите покажаа негативна реакција на политичарите што беа инспирирани од десничарското популистичко движење на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА), вели Мујтаба Рахман, управен директор за Европа во консултантската компанија „Евроазија груп“.

„Ова е навистина силен резултат за проевропскиот кандидат. Тоа е уште еден пример за позитивниот ефект на Трамп врз европските изборни циклуси, каде што загриженоста за политичкиот правец што е сличен МАГА ги мобилизираше гласачите“, рече Рахман.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен доцна синоќа ја честиташе победата, поздравувајќи го изборот на сограѓаните во корист на „силна Европа“.

„Романците масовно излегоа на гласање. Тие го избраа ветувањето за отворена и просперитетна Романија во силна Европа“, напиша таа на платформата Икс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ