Меѓутоа, експертите се скептични дека таквата агресивна лобистичка кампања може да вроди со плод кога норвешкиот Нобелов комитет ќе ја додели денес наградата. Причините се движат од самото однесување на Трамп дома и во странство до фактот дека наградата е наменета да признае дела од 2024 година – кога тој беше избран, но сè уште не беше на функција.
„Вршењето притисок врз комитетот, постојаното повторување „би требало да ја добијам наградата, јас сум достоен кандидат“ не е многу мирен пристап“, вели за Фајненшал тајмс Нина Грегер, директорка на Институтот за истражување на мирот во Осло.
Халвард Леира, директор на истражувања во Норвешкиот институт за меѓународни работи, додава: „Имаше кампањи и претходно, но тие беа посуптилни“. Укажа на „прилично софистицираниот“ напор на Јужна Кореја на тогашниот претседател Ким Де Џунг да му се додели наградата, што и се случи во 2000 година.
Ништо од тоа не го одвраќа Трамп. Неговиот пристап беше полн со претерување и јавни изјави за сопствената вредност.
Претседателот на САД на 23 септември, пред Генералното собрание на Обединетите нации, изјави дека „спасил милиони животи“ окончувајќи „седум војни кои не можеа да се окончаат“. Седум дена подоцна, на 30 септември, пред американските генерали и адмирали собрани во близина на Вашингтон, Трамп упати заканувачка порака: да не се избере тој, тврдеше самиот тој, би било „навреда“ за Соединетите Американски Држави.
Ретко кој во Осло верува дека комитетот, чии пет члена вклучуваат активист за човекови права, експерт за надворешна политика и тројца поранешни министри, ќе му ја додели наградата на Трамп оваа година. Сепак, американскиот претседател сè уште би можел да влијае на исходот, бидејќи лауреатот може да биде поединец или организација за човекови права која не се смета за премногу спротивставена на САД или Израел.
Дури и оние кои исмеваа некои од неодамнешните мировни напори на Трамп – како што е неговото често мешање на Албанија и Ерменија – велат дека неговиот обид да ја заврши војната во Газа би можел да биде значаен аргумент во негова корист.
„Беше тешко беше да се сфатат сериозно неговите изјави – но ова е различно. Газа би била голема работа“, изјави еден европски дипломат за ФТ.
Европските претставници веруваат дека Трамп брза да обезбеди договор меѓу Израел и Хамас пред да биде објавена наградата, со цел да се обиде да влијае на одлуката.
Во Осло, Нобеловиот комитет задолжен за доделување на наградата останува резервиран, барем во јавните изјави. „Секако, забележуваме дека има голем медиумски интерес за одредени кандидати“, изјави секретарот на Комитетот Кристијан Берг Харпвикен за францускиот Монд. Тој истакна дека лобирањето не е ништо ново: „Оваа година има повеќе кампањи – некои пософистицирани од други и затоа потешко се забележуваат – и луѓето доаѓаат во Осло за да држат предавања, да го посетат Нобеловиот институт или да се обидат да се сретнат со членовите на комитетот со надеж дека ќе го промовираат својот кандидат.“
Кон средината на август норвешките медиуми открија дека американскиот претседател го поканил норвешкиот министер за финансии и поранешен генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Официјално повикот бил за царините, но Трамп ја искористил можноста да забележи дека тој ќе биде „извонреден добитник на Нобелова награда“. Според весникот Дагенс нарингслив, ова не е прв пат Трамп да ја покрене темата во разговор со Столтенберг.
Столтенберг го потсетил дека норвешката влада нема никакво влијание врз членовите на комитетот, кои работат со поддршка на експерти. Нивниот избор се раководи од волјата на пронаоѓачот на динамитот Алфред Нобел, кој починал во 1896 година. Според неговиот тестамент, наградата мора да им се додели на оние „кои најмногу или најдобро придонеле за братството меѓу народите, за укинување или намалување на постојаните армии и за одржувањето и подобрувањето на мировните конгреси“.
Трамп тоа го отфрли и ја користи секоја можност да истакне колку поддржувачи има. „Сите велат дека треба да ја добијам Нобеловата награда за мир за секое од овие достигнувања“, кажа тој повторно на 23 септември. Навистина, неколку странски лидери – свесни за опсесијата на американскиот претседател – тврдеа дека го номинирале. Меѓу нив беше и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој го стори тоа на 7 јули – иако рокот за номинации истече на 31 јануари напладне, истакнува Монд.
Главната пречка на Трамп со комитетот се однесува на одлуката од 2009 година да му ја додели наградата на неговиот главен ривал Барак Обама за неговите „извонредни напори за зајакнување на меѓународната дипломатија и соработка меѓу нациите“. Наградата беше доделена иако Обама штотуку го започна својот претседателски мандат по победата на изборите претходната година, потсетува ФТ.
„Да се викам Обама, ќе ја добиев Нобеловата награда за 10 секунди“, се пожали Трамп минатата година.
Оваа година беа номинирани 244 поединци и 94 организации. Нивниот идентитет – како и идентитетот на нивните предлагачи – ќе биде откриен дури за 50 години, „главно од безбедносни причини“, вели Берг Харпвикен. Тој додава дека самата номинација не е достигнување: „Важно е да се биде награден. Но, мислам дека обидот кариерата или постапките да се планираат со цел да се освои Нобеловата награда за мир обично не носи успех“.
Во Норвешка експертите се речиси едногласни во нивната проценка дека победа на Трамп е исклучително неверојатна. „За тоа би бил потребен нервен слом во самиот комитет“, наведоа тројцата историчари во авторски текст објавен кон средината на август во весникот Афтенпостен. „Неговите шанси не се подобрија по неговиот говор во ОН“, кажа Свен, еден од авторите: „Тој продолжува да го напаѓа меѓународниот поредок, продолжува да го поддржува Нетанјаху во Газа и иако вербално ја поддржува Украина, тој не воведе санкции против Путин“.
Сири Ас Рустад, директорка за истражувања во Институтот за мировни истражувања во Осло (ПРИО), го дели истото мислење. Таа ги анализирала војните за кои Трамп тврди дека ги окончал: „Тие или не беа војни, или не беа завршени, или, во некои случаи, тој делумно ги предизвика, индиректно – преку американска агресија или несигурност создадена од САД, што придонесува за дестабилизација на светот“. Дури и ако Трамп успее да наметне прекин на огнот во Газа, „едно добро дело не може да избрише сè друго, особено она што го прави во сопствената земја“, изјави таа за Монд.
Како и секоја година, Нина Грегер ги наведе кандидатите што ги смета за најзаслужни. На нејзиниот список се наоѓаат Комитетот за заштита на новинарите, американска невладина организација која постојано ги осудува нападите на администрацијата на Трамп врз слободата на медиумите, како и мрежата Соби за итен одговор од Судан, која стана клучна во таа земја откако завршија програмите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Грегер смета и дека Меѓународниот кривичен суд и Меѓународниот суд на правдата – и двата на мета на американскиот претседател – би можеле да бидат одлични победници.
Сепак, ФТ истакнува дека во Осло постои одредена вознемиреност околу можноста Трамп да се одмазди со тарифи или други мерки ако не биде прогласен за добитник на наградата во петок. Дополнителен извор на тензии е неодамнешната контроверзност откако норвешкиот суверен фонд за богатство одлучи да ги продаде своите акции во американската компанија Катерпилар, поради употребата на неговите булдожери од страна на Израел.
Овие причини би можеле да го наведат комитетот да избере некој што би можел да го „смири Трамп“, на пример со доделување награда на хуманитарна организација како Собите за итна реакција во Судан, кажа Леира. А и Грегер ја спомна таа група како можен кандидат.
Но, Леира додава дека некои членови на комитетот посочија дека не „реагираат добро“ на притисок, што би можело да доведе до потенцијално попровокативен исход. Грегер посочи дека Меѓународниот кривичен суд или Комитетот за заштита на новинарите би можеле да бидат избори што би го налутиле Трамп, со оглед на тоа што неговата администрација воведе санкции против МКС и презеде мерки за ограничување на работата на новинарите што известуваат од Белата куќа и Пентагон.
Еден европски дипломат, исто така, истакна дека Трамп неодамна го преименува министерството за одбрана во министерство за војна. Неговата победа на натпреварот за наградата за мир, вели дипломатот, „би испратила чуден сигнал“. „Но, сите ние сега живееме во светот на Трамп. Оваа дискусија за Нобеловата награда само дополнително го истакнува тоа“, заклучува дипломатот за Фајненшал тајмс.






