четврток, 9 април 2026

Црногорската влада ѝ додели концесија за аеродромите на јужнокорејска фирма

Црногорската влада ја додели концесијата за аеродромите во Подгорица и Тиват на прворангираниот понудувач, јужнокорејската компанија Конзорциум за аеродроми Инчеон (ИАЦ) на период од 30 години.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Проценетата вредност на имотот на аеродромот е 265 милиони евра. Конечната одлука за доделување на концесијата ја носи Собранието на Црна Гора.

Милена Миловиќ, советничка на премиерот за економска политика, нагласи дека од долгорочниот закуп на АЦГ за 30 години се очекуваат најмалку една милијарда евра, а дека поголемиот дел од инвестициите од 300 милиони евра се планирани во првите шест години.

„Ќе имаме четири пати поголем капацитет отколку во моментов, бидејќи површината ќе се зголеми на 40.000 квадратни метри, со двојно поголем паркинг и 13 нови места за авиони. Концесионерот се обврзува да плаќа надомест од 35 проценти од бруто-приходот еднаш годишно, што се проценува на 600 милиони евра во текот на 30 години, односно повеќе од 20 милиони евра годишно“, истакна таа и додаде дека Јужнокорејците ќе платат и еднократен надомест од 100 милиони во рок од еден месец од потпишувањето на договорот.

Миловиќ нагласи дека АЦГ ќе остане во државна сопственост и дека ќе ја надгледува оваа концесија со Министерството за транспорт, додека ИАЦ ќе основа нова компанија за управување и ќе биде обврзана да ги задржи сегашните вработени пет години.

„Поради планираните инвестиции, проширувањето на капацитетот и поголемиот обем на работа, можеме да кажеме дека ќе бидат потребни повеќе работници. Понудувачот е реномиран инвеститор и со децении е меѓу петте најдобри аеродроми во светот. Концесионерот е во сопственост на државата Јужна Кореја“, кажа таа.

Таа кажа и дека по потпишувањето на договорот со ИАЦ Црна Гора ќе има една година да ги обезбеди сите предуслови и да го предаде АЦГ на управување.

Координаторот на Министерството за транспорт Филип Радуловиќ исто така кажа дека по 30 години имотот на аеродромите ќе остане кај државата.

„Тоа е добро во оваа постапка. Сè што е новоизградено и реконструирано би останало кај државата. Што се однесува до нашиот имот што би го дале, тој ќе остане наш имот“, кажа Радуловиќ и додаде дека концесијата не значи продажба или приватизација на државен имот.

Радуловиќ нагласи дека времетраењето на тендерската постапка за АЦГ од 2019 година испрати лоша порака до инвеститорите кои се заинтересирани за Црна Гора, и повтори дека не станува збор за приватизација или продажба, туку за закуп.

На прашањето за ставот на Европската комисија за доделување концесија врз АЦГ, тој нагласи дека ЕК е заинтересирана за иднината на аеродромите, дека се свесни дека ситуацијата мора да се подобри и дека нивната концесија не е спорна поради ограничувањата на инфраструктурата.

Првиот тендер за концесија на аеродромот беше објавен во 2019 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ