недела, 7 декември 2025

Црногорската полиција разбила мрежа на проруски платеници (ФОТО)

Црногорската полиција разбила мрежа на платеници кои се бореле на страната на Русија на украинското боиште, а уапсен е Данко Савиќ, државјанин на Босна и Херцеговина со постојан престој во Црна Гора, објавија денес медиумите во Подгорица, кој имал еден и пол милион евра на сметка, кои, како што верува црногорската полиција, ги стекнал за време на престојот во руските формации.

Фото: Црногорска полиција

Објавено на

часот

Сподели

Како што беше објавено, Савиќ е уапсен во продолжението на координираната акција со кодно име „Луганск“, а при претресот на станбени и други простории од страна на полицијата заплениле 12,2 килограми експлозив, десетици парчиња муниција од различен калибар, оптика за ноќно гледање, опрема за чистење оружје, радиостаници, сигнален пиштол, како и делови од огнено оружје.

Според извештаите, во оваа полициска операција досега учествувале 12 лица, а полицијата претресла 13 локации во Даниловград, Никшиќ и Подгорица.

„Пронајдени и конфискувани се: 24 парчиња огнено оружје, повеќе од 1.000 парчиња муниција, неколку рамки, девет ножеви, сабји и бајонети, како и униформи, знамиња и други обележја на формациски организации и групи, како и други предмети кои можат да се конфискуваат во согласност со законот, а во врска со овие и сродни кривични дела“, наведува црногорската полиција.

Меѓу конфискуваните предмети се пронајдени бројни воени униформи, панцири, шлемови, СИМ-картички, комуникациски уреди, како и идентификациски картички на Црногорското козачко братство, честопати со различни имиња. Полицијата запленила и гас-маска, амблеми со грбови и натписи, метален боксер и документација што укажува на поседување вреден имот.

Материјалните докази, според полицијата, укажуваат дека Савиќ учествувал во странски воени структури на Руската Федерација во Луганск, во периодот од почетокот на 2023 година до почетокот на 2025 година. Се сомнева дека неговото ангажирање било мотивирано од финансиска добивка и дека токму во тој период ја стекнал спорната сума од 1,5 милиони евра.

Ова не е прв пат Савиќ да биде цел на полицијата. Тој бил уапсен и во јуни 2025 година, кога во неговата куќа биле пронајдени 12 килограми експлозив спакуван во форма на ремен. Потоа против него била поднесена кривична пријава за нелегално поседување оружје и експлозивни материи.

Медиумите претходно објавија дека Савиќ е поранешен припадник на Југословенската армија. Претходно јавно се декларираше како атаман, односно козачки командант, поврзувајќи се со Балканската козачка армија, организација за која се тврди дека е поврзана со Централната козачка армија на Русија, блиска до претседателот Владимир Путин.

Црногорската телевизија Е наведува дека операцијата „Луганск“ била координирана со разузнавачките служби на две земји-членки на НАТО и дека, врз основа на информации од западните служби, полицијата ги претресла просториите на лица кои се членови на Балканската козачка армија, Црногорско-козачко братство, како и организацијата Ноќни волци.

Медиумите потсетуваат дека овие организации се блиски до Српската православна црква и дека оваа врска била разоткриена за време на крунисувањето на митрополитот на СПЦ во Црна Гора Јоаникиј Миќовиќ, на 5 септември 2021 година, кога членовите на овие организации учествувале во обезбедувањето на манастирот во Цетиње каде што се случило крунисувањето.

Тие исто така потсетуваат дека уапсениот Данко Савиќ е атаман на Балканската козачка армија, која е основана во 2016 година во Котор.

Медиумите, повикувајќи се на податоците на Дигиталниот форензички центар, потсетуваат дека Балканската козачка армија стои зад здружението Сојуз на доброволци од Донбас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ