четврток, 26 февруари 2026

Црна Гора почна да го најавува своето влегување во ЕУ (ВИДЕО)

Владата на Црна Гора, која планира да ги затвори сите поглавја од преговорите во пристапните преговори со Европската Унија до крајот на годината, претстави авион на националниот превозник Ер Монтенегро кој го носи слоганот „28до28 – Следната членка на ЕУ“.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Според црногорското Министерство за европски прашања целта на кампањата е да се пренесе пораката до меѓународната јавност дека Црна Гора ќе стане 28-ма членка на Европската Унија до 2028 година.

Брендирањето на авионот е дел од поширока кампања која ќе се спроведе со цел да се запознае домашната и европската јавност со резултатите на Црна Гора во процесот на европска интеграција и амбицијата за полноправно членство до 2028 година.

„Ја носиме Европа во Црна Гора и ја носиме Црна Гора во Европа. Низ целата Европска Унија, нашата национална авиокомпанија ја носи пораката – Црна Гора е следната членка на Европската Унија“, изјави премиерот Милојко Спајиќ по повод презентацијата на авионот на аеродромот во Подгорица.

Спајиќ вели дека пораката во авионот на националната авиокомпанија претставува „стратегиска изјава на државата“, посочувајќи дека Црна Гора ѝ нуди на Европа стабилност, нова енергија и потврда за можноста за единство во различноста.

Црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во Европската Унија е амбициозна, но остварлива цел, велејќи дека институциите ја презеле одговорноста за спроведување на потребните реформи.

„Време е сите институции, економијата, спортистите, научниците, уметниците, студентите, медиумите, граѓанскиот сектор, локалните заедници и дијаспората да ја пренесат истата порака низ Европската Унија – 28 до 2028 година“, кажа министерката Горчевиќ.

Властите претходно објавија дека нивната цел е да ги затворат сите поглавја од преговорите до крајот на годината и со тоа да отворат простор за завршување на процесот на пристапување до 2028 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ