Шест лица беа убиени во воздушните напади извршени ноќеска врз провинцијата Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, изјави Махмуд Басал, портпарол на спасувачката служба.
Две лица загинаа во шатор во Басан, а четворица, меѓу кои две момчиња на возраст од пет и две години, во стан во Ал Маваси.
Уште десет лица загинаа во нападот на шаторот во Ал Маваси, меѓу кои наводно едно дете и седум жени.
Израелската војска не ги коментираше веднаш извештаите за нападите, портпарол на армијата изјави дека собира информации за настаните.
Сепак, според военото соопштение објавено утринава, израелската армија признала дека во последните два дена „повеќе од 100 пати гаѓале терористички цели низ Појасот Газа“.
Во текстот се додава дека војниците на југот од палестинската територија пронашле складишта со оружје и убиле неколку терористи.
Израелската војска го продолжи бомбардирањето и офанзивата врз Појасот Газа на 18 март, со што заврши двомесечното примирје со Хамас, во војна предизвикана од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
На 2 март, Израел го прекина влегувањето на секаква хуманитарна помош на територијата, обвинувајќи го Хамас за нејзино злоупотребување. Израел тврди дека целосната блокада била спроведена за да се принуди Хамас да ги ослободи сите преостанати заложници што ги држи.
Оттогаш, ОН безуспешно апелира до Израел повторно да ја отвори територијата за хуманитарна помош неопходна за населението, кое се наоѓа во драматична хуманитарна ситуација и на работ на целосно гладување.