Русија во понеделникот јавно ја обвини Украина за обид за напад врз домот на Путин, а Трамп им потврди на новинарите дека Путин лично му го кажал тоа. Претседателот тогаш изјави дека наводниот напад го вознемирил, велејќи дека „не му се допаѓа“ и дека „не е добро“, опишувајќи се себеси како „многу лут“. Иако призна дека е „можно“ обвинувањето да е лажно, додаде: „Но претседателот Путин утрово ми кажа дека било така“.
Меѓутоа, по брифингот од директорот на ЦИА, се чини дека Трамп зазел поскептичен став. Во средата на социјалната мрежа Трут сошл сподели линк до уводник во „Њујорк пост“ со наслов: „Путиновото ‘нападно’ биење во гради покажува дека Русија е пречка на патот кон мирот“.
Уредништвото на „Пост“ наведе дека е „иронично што Путин, кој речиси четири години води брутална војна, смета дека какво било насилство во негова близина заслужува посебен гнев“ и дека „секој напад врз Путин е повеќе од оправдан“.
„Но еве во што е финтата: нападот со дронови веројатно никогаш не се случил. (Украинскиот претседател Володимир) Зеленски тоа енергично го демантираше. (Портпаролот на Кремљ, Дмитриј) Песков рече дека Русите не можат да дадат никакви докази и ја повика јавноста да ‘му верува на Кремљ на збор’. Не, нема“, стои во уводникот на „Пост“. Белата куќа не одговорила на прашањето на Си-ен-ен, додека ЦИА одбила да даде коментар.
Тврдењето на Путин за нападот и американската процена дека тој не се случил, за што прв извести Волстрит џурнал, доаѓаат во време на интензивни преговори што ги водат Трамп и неговите соработници со цел завршување на војната во Украина. Обвинувањето беше изнесено само еден ден откако Трамп се сретна со украинскиот претседател Зеленски во Мар-а-Лаго и изрази оптимизам околу постигнување мир.
Некои европски функционери сметаат дека тврдењето на Путин всушност е обид да се нарушат мировните напори, без притоа да се предизвика гневот на Трамп. Шефицата на надворешната политика на Европската Унија, Каја Калас, во средата изјави дека станува збор за „намерно одвлекување на вниманието“.
Руската верзија на настаните
Од друга страна, Министерството за одбрана во Москва во средата соопшти дека од северна Украина биле лансирани 91 дрон кон резиденцијата на Путин во близина на Валдај, во Новгородската област, во северозападна Русија.
Од министерството наведоа дека повеќе од половината дронови биле пресретнати неколку стотици километри подалеку, без да објаснат како знаеле дека нивната крајна цел била токму резиденцијата на Путин.
Според нивните тврдења, останатите биле пресретнати над Новгород во понеделникот меѓу 3:00 и 8:30 часот наутро по локално време. Министерството објави и мапа што наводно ги прикажува патеките на дроновите и местата каде што биле соборени.






