„Лицето идентификувано како Марвин Абел Ернандез Паласиос е осудено на 1.335 години затвор, додека уште десетмина добија казни во распон од 463 до 958 години“, се наведува во соопштението, со појаснување дека злосторствата биле извршени меѓу 2014 и 2022 година.
Се додава дека 248 члена на бандата добиле „соодветни казни“ за 42 убиства и 42 исчезнувања, меѓу другите кривични дела, пренесува Си-би-ес њуз.
Во соопштението не е наведен датумот на изрекување на казните, ниту дали на обвинетите им било судено во масовен процес.
Од март 2022 година, претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, презема строги мерки против бандите во рамките на вонредна состојба што овозможува апсења без судски налог.
Повеќе од 90.000 лица се приведени, а околу 8.000 се пуштени на слобода откако биле прогласени за невини, според официјални извори.
Кампањата на Букеле против бандите го намали бројот на убиствата на историски најниско ниво во земјата, но организациите за човекови права ги обвинуваат безбедносните сили за злоупотреби.
Според владата на Ел Салвадор, МС-13 и уште една банда, Барио 18, се одговорни за смртта на околу 200.000 луѓе во текот на три децении.
Овие две банди некогаш контролирале околу 80 отсто од територијата на земјата, а Ел Салвадор имал една од највисоките стапки на убиства во светот.
Претходно оваа година, САД ја означија МС-13 како терористичка организација, а американскиот претседател Доналд Трамп ја нарече „веројатно најзлобната и најлоша банда во светот“.
„МС-13 се зла група луѓе. Болни се и изопачени“, изјави Трамп.
Бандата МС-13 ја формирале салвадорски имигранти во Лос Анџелес во осумдесеттите години од минатиот век, кои побегнале од граѓанската војна во својата татковина.
Од тогаш, криминалната група се прошири во Гватемала и Хондурас, претворајќи го регионот во еден од најнасилните во светот.






