„Во голема мера ги завршивме безбедносните протоколи“, кажа Стив Виткоф, еден од двајцата претставници, додека стоеше со лидерите на Франција, Германија, Обединетото Кралство и Украина во претседателската палата во Париз. „Ова е важно за кога ќе заврши оваа војна, да заврши засекогаш“, додаде Виткоф.
Сепак, дури и кога Франција и Обединетото Кралство ја потпишаа својата одлука за распоредување трупи во Украина во повоено сценарио, САД не понудија да им помогнат на тие трупи во случај Русија да ја загрози нивната безбедност.
Како би можело да изгледа распоредувањето?
Франција, Обединетото Кралство и Украина потпишаа декларација за намера за распоредување „мултинационални сили“ за поддршка на одбраната и реконструкцијата на Украина – по војната.
Експертите велат дека декларацијата, како потпишан документ, претставува поцврста и поформална гаранција за Украина.
Во вторникот (6 јануари) германскиот канцелар Фридрих Мерц објави дека Германија би можела да игра и воена улога и да распореди „сили на територијата на НАТО која граничи со Украина“ по постигнувањето на прекин на огнот.
За прв пат, шпанскиот премиер Педро Санчез изрази подготвеност да испрати војници како дел од мировна мисија во Украина. Санчез не даде дополнителни детали.
Јакоб Функ Киркегард, соработник во аналитичката група Бругел во Брисел, верува дека силите намерно се нарекуваат „мултинационални“ со цел да се отвори простор да се приклучат и други земји од или надвор од Европа.
„Кој би можел да биде тоа? Мислам можеби Австралија, или секако Турција, која е голем играч во Црно Море“, изјави тој за Дојче веле.
Средбата во Париз се одржа во рамките на таканаречената коалиција на спремните – која се состои од околу 30 земји на страната на Киев. Соединетите Американски Држави не се меѓу нив.
Во соопштението, групата изјави дека ќе помогне во изградбата на „одбранбени утврдувања“ во Украина.
Киркегор кажа дека не е јасно што точно би биле тие утврдувања. Можеби, шпекулира тој, слично на оние кои се градат кај членките на НАТО во близина на Русија. „Како во Финска“, кажа тој, тоа би можело барем да вклучува „поставување мини и бодликава жица“.
Во соопштението на лидерите на коалицијата се наведува и дека тие ќе учествуваат во предложениот механизам за следење на прекинот на огнот предводен од САД. Ова би барало опрема и луѓе за следење на сензори, беспилотни летала и сателитски снимки.
Се додава дека Украинците „ќе останат првата линија на одбрана и одвраќање“, додека експертите за Дојче веле изјавија дека европските трупи главно ќе бидат присутни како инструктори, а не во борбена улога.
Многу прашања
Некои во Европа сега даваат гас за да воспостават долгорочна безбедносна архитектура за Украина. Но, сè уште има повеќе прашања отколку одговори.
Францускиот претседател Емануел Макрон јажа дека Франција би можела да распореди „неколку илјади“ трупи на украинска територија.
Но, додава Кјеркегор, би можело да му биде тешко да добие одобрение од францускиот парламент за финансирање трупи во странство, особено во услови на политичка и економска криза во земјата.
Потписот на Стармер на декларацијата предизвика негодување кај опозициските лидери и експертите кои тврдат дека Велика Британија нема доволно војници да испрати каде било.
Стратегискиот преглед на одбраната на Велика Британија – официјален документ од минатата година – забележува дека големината и подготвеноста на војската се намалиле од крајот на Студената војна.
Во извештајот пишува дека „само мал дел од војниците“ се подготвени за распоредување во секое време. Падот на бројот на војници се совпаѓа со намалените трошоци за одбрана.
Обраќајќи се пред парламентот, Стармер кажа дека бројот на војници кои ќе бидат испратени во Украина „ќе биде одреден во согласност со нашите воени планови, кои ги развиваме и во кои очекуваме поддршка од другите земји-членки“.
Во Германија предлогот на канцеларот Мерц за распоредување војници во земјите од НАТО кои граничат со Украина, исто така, прво ќе треба да биде одобрен од парламентот.
Неколку други членки на коалицијата на спремните остануваат целосно мистериозни. Се верува дека е можно да не се презентираат поконкретни планови додека не се воспостави мир во Украина.
„Дали сите партнери од коалицијата на спремните силно би реагирале ако Русија повторно нападне? Тоа е тешко прашање. Ги прашувам сите нив, а сè уште не добив јасен одговор“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски пред новинарите во средата (7 јануари).
Додека безбедносните гаранции не бидат одобрени во парламентите и во американскиот Конгрес, „не можеме да одговориме на прашањето дали нашите партнери се подготвени да нè заштитат“, додаде тој.
Отсуството на американска поддршка е најголемата пречка
Најголемата пречка за европското присуство во повоена Украина доаѓа од нејзиниот некогаш најблизок сојузник преку Атлантикот.
Претставниците на Трамп кои присуствуваа на состанокот во Париз не ги разбија европските дилеми за тоа дали САД ќе им помогнат на нивните трупи ако Русија ги прекрши условите за мир.
Маркус Рајснер, австриски воен историчар и предавач на Воената академија Терезијан во Виена, за Дојче веле изјави дека суштинската порака на Париската декларација била да се повикаат САД да го поддржат европскиот воен потфат.
„Во моментов е незамисливо европските сили да воспостават големо присуство во Украина без поддршка од САД и нивните специјализирани воени капацитети и без гаранција дека Америка ќе интервенира воено во случај на руски напад.
Ова е особено точно сè додека Русија ги смета западните војници во Украина за воени цели“, предупредува Рајснер.






