Републиканските сенатори Лиза Мурковски од Алјаска, Мич Меконел од Кентаки, Џери Моран од Канзас и Том Тилис од Северна Каролина го поддржаа предлогот што во четвртокот го претставија републиканецот Чак Грасли од Ајова и демократот Марија Кантвел од Вашингтон.
Нивниот предлог-закон ќе ги укине новите тарифи во рок од 60 дена, освен ако двата дома на американскиот Конгрес конкретно не ги одобрат. Економистите предупредуваат дека американскиот претседател ризикува рецесија, но Белата куќа вели дека царините за увезената стока ќе поттикнат инвестиции во домашното производство.
„Сојузните држави се разликуваат по индустриските гранки кои се доминантни во нив, во некои случаи тоа е земјоделството, а во други производството на автомобили или авиони. Секоја од овие гранки е различно погодена од промените во трговските политики и на глобалниот пазар“, рече сенаторот Моран.
„Уставот му дава на Конгресот моќ да донесува одлуки за надворешната трговија, вклучително и царините“, додаде тој. Засега нема индикации дека горенаведениот предлог ќе биде поддржан од Претставничкиот дом, долниот дом на Конгресот.
Републиканецот Том Тилис, кој го брани своето сенаторско место следната година на конгресните избори, изрази загриженост за ефектите што царините можат да ги имаат врз земјоделското производство во неговата држава Северна Каролина. Тој истакна дека загрижени се и претставниците на Северна Каролина во Претставничкиот дом.
Тој сака да види од претседателот Трамп во наредните недели детална стратегија за тоа што треба да постигнат воведените царини. Од друга страна, Трамп на социјалните мрежи порача дека нема да ја менува својата политика.
Водачот на Демократите во Сенатот, Чак Шумер, најави дека неговата партија ќе предложи амандман на буџетот, за кој моментно се расправа, со кој би се поништиле сите царини што Трамп ги воведе од почетокот на неговиот мандат, доколку се утврди дека ги зголемиле цените на храната, лековите или другите производи за широка потрошувачка.
Амандманот на демократите ќе ги задржи царините за Кина, Русија, Иран и Северна Кореја, но републиканските пратеници веројатно нема да гласаат за него.