Шефовите на држави и влади „разговараа за ситуацијата во Украина и за катастрофалната цена на војната за двете страни“, изјави неименуван портпарол на британскиот премиер Кир Стармер.
„Пред разговорот на претседателот Трамп со претседателот Путин (в понеделник), лидерите разговараа за потребата од безусловен прекин на огнот и потребата претседателот Путин сериозно да ги сфати мировните преговори“, додаде тој.
По неуспешните преговори меѓу Киев и Москва во петокот во Турција, шефовите на држави и влади „разговараа и за употреба на санкции доколку Русија сериозно не се ангажира во прекин на огнот и мировни преговори“, соопшти британската влада.
„Останува на претседателот Путин в понеделник да докаже дека навистина сака мир и да го прифати безусловниот 30-дневен прекин на огнот предложен од претседателот Трамп, поддржан од Украина и Европа“, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на платформата Икс.
„Европејците и Американците се решени да работат заедно на фокусиран начин за брзо завршување на оваа страшна војна“, рече во неделата германскиот канцелар Фридрих Мерц по првата миса на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лео XIV.
Мерц додаде дека „се направени некои мали чекори напред во последните денови, бидејќи страните во конфликтот разговараат меѓу себе“.
Германскиот канцелар ова го изјави два дена по првите разговори од пролетта 2022 година, кои не резултираа со прекин на огнот.
Францускиот, британскиот и германскиот лидер веќе разговараа со Трамп во петокот, како и со полскиот премиер Доналд Туск.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата во Рим „околу половина час“ разговараше со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс по средбата со папата, изјави за АФП неименуван висок украински функционер.