Иако се однесува и на Библијата, Тората и други религиозни книги, Законот за Куранот го доби ова колоквијално име бидејќи првенствено беше наменет да го спречи сè почестото палење на светата книга на исламот. Муслиманите веруваат дека Куранот е Божја објава (зборот на Алах) која пророкот Мухамед ја примил преку ангелот Џибрил (Габриел), а потоа била пренесувана усно и подоцна запишана.
Куранот стана цел на палење и сквернавење во Скандинавија и воопшто во западноевропските земји по бранот на имиграција во кој најмалку четири милиони муслимани пристигнаа од Блискиот и Средниот Исток и Северна Африка во последните петнаесет години.
Палењето на Куранот ескалираше во 2019 година, а најчести сторители беа екстремно десничарски и антиисламистички активисти кои ги користеа своите настапи за да го привлечат вниманието на јавноста кон своите политички цели, да го поларизираат општеството и да укажат на наводна замена на населението.
Со оглед на тоа што систематските напади врз Куранот во Данска предизвикаа незадоволство и гневни реакции во исламскиот свет и придонесоа за зголемување на терористичката закана и дипломатските тензии, централно-левичарската данска влада на премиерката Мете Фредериксен одлучи да реагира од надворешнополитички и безбедносни причини.
Во образложението на законската промена се споменува ненадејното зголемување на инцидентите поврзани со религиозни книги и знамиња. Данската полиција регистрирала 483 вакви инциденти само од 21 јули до 24 октомври 2023 година. Владата заклучи дека повеќе вакви инциденти носат поголем ризик од радикализација, одмазда и безбедносни последици.
Сепак, критичарите истакнаа дека Законот за Куранот де факто воведува ограничувања на слободата на изразување и дека станува збор за попуштање на надворешен притисок. Седум месеци пред следните парламентарни избори, партиските лидери на Конзервативците, Либералната алијанса, Данската народна партија и Данските демократи ги изнесуваат истите аргументи.
Сузи Јесен, политичка портпаролка на десничарските Дански демократи, смета дека Законот за Куранот бил отстапка на владата под притисок од исламскиот свет: „Не треба да дозволиме арапските земји да го диктираат данското законодавство. Ако се плашиме секој пат кога исламистите ќе нè притиснат и повторно ќе попуштиме, тогаш ги компромитираме сопствените вредности – правото да можеме да кажеме, правиме и да го цртаме точно она што го сакаме“.
Според горенаведениот закон, несоодветното однесување може да вклучува горење, осквернување, газење, клоцање, сечење на парчиња, бодење и завиткување религиозна книга во свинско месо. Меѓутоа, завиткувањето религиозна книга во ЛГБТ знаме со виножито не е казниво.
Во уметноста, несоодветното однесување е прифатливо ако претставува мал или спореден дел од уметничкото дело. На пример, ако Библијата или Куранот се искинат на парчиња за време на концерт. Законот не се однесува на усни изјави или пишани текстови и цртежи за религиозни книги и теми.
Расмус Палудан, лидерот на данската крајно десничарска партија Штрам курс, беше првиот осуден според Законот за Куранот. Во последните години Палудан јавно запали десетици примероци од Куранот во Данска и Шведска, а за кинење страници од Куранот, што го емитуваше во живо на Фејсбук во јуни 2024 година, беше казнет со парична казна. Данскиот закон предвидува до две години затвор за такво нешто.
Застапниците на забраната за сквернавење на религиозни книги истакнуваат дека за нешто повеќе од три месеци по усвојувањето на законот, се случиле само пет палења на книги. Пребен Банг Хенриксен, парламентарен претставник од конзервативно-либералната партија Венстра, која е дел од владејачката коалиција, истакнува дека сериозната терористичка закана е причина законот да остане на сила.
„Нема причина да се укине закон што дава ефекти. Тоа е како да се инвестира во аларм против кражба, а потоа, бидејќи нема кражба, да се одлучите да го отстраните. Тоа нема да се случи. Не е потребно да се запали Куранот за да се изрази мислење“, смета Банг Хенриксен.
Пратеникот на Венстре истакнува дека помалку од два месеци пред воведувањето на данскиот закон, во Брисел двајца шведски навивачи беа застрелани на улица, што беше терористички одговор на исламистите на палењето на Куранот во Шведска.
Имено, од 1971 година, шведските закони не забрануваат експлицитно запалување или уништување на религиозни книги, па дури ни на националното знаме. Криминализацијата на ваквите дела зависи од тоа дали се поврзани со нарушување на јавниот ред или закани против одредени религиозни, етнички и други групи на население.
Нилс Функе, шведски новинар, публицист и експерт за слобода на медиумите и јавно изразување, вака го коментираше усвојувањето на контроверзниот Закон за Куранот во Данска пред две години за дневниот весник Гетеборг постен:
„Ова е отстапка кон милитантните и гласни исламистички лидери ширум светот кои бараат забрана за палење на Куранот. Жално е што Данците капитулираа и се плашам дека ова би можело да стане аргумент за усвојување на сличен закон во Шведска“.






