понеделник, 8 декември 2025

Четботот Грок на Маск без проблеми открива адреси, мејлови, телефонски броеви…

Истражување покажа дека АИ-четботот Грок на Илон Маск без премногу наговорување открива точни домашни адреси не само на познати личности, туку и на обични граѓани, што го прави опасна алатка за следење и вознемирување, пишува Футуризам.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Откако претходно оваа недела Грок ја објави адресата на основачот на Барстул спортс, Дејв Портној, порталот Футуризам спровел сопствен тест. Тие се насочиле на приватни лица и откриле дека бесплатната веб-верзија на Грок на многу едноставни барања, како „име и адреса“, дава точни податоци.

Од 33 имиња на приватни лица што биле внесени, Грок за десетмина веднаш дал точна и актуелна домашна адреса. За седум лица дал стари, но претходно точни адреси, додека за четири открил точни деловни адреси, што, пишува Футуризам, е идеално за некој што сака да ја следи жртвата на работното место.

Застрашувачко е и тоа што четботот често нуди и повеќе информации отколку што му биле побарани. Покрај адресата, Грок во многу случаи дал и телефонски броеви, мејл адреси, како и список на членови на семејството со нивните адреси. Понекогаш, пак, нудел список на лица со слични имиња и нивни адреси, барајќи дополнителни информации за „поточно пребарување“.

Однесувањето на Грок е во чиста спротивност со водечките конкурентски четботови. ЧетГПТ на ОпенАИ, Џеминај на Гугл и Клауд на Антропик одбиле да дадат адреси на слични барања, наведувајќи ја заштитата на приватноста како причина. Тоа покажува дека другите АИ-компании вовеле безбедносни мерки за да го спречат злоупотребувањето на нивните алатки за „доксинг“ (doxxing), односно јавно објавување приватни податоци.

Се поставува и прашањето од каде Грок ги добива тие податоци. Најверојатно ги собира од интернет, пребарувајќи сомнителни бази на податоци што постојат во правно сива зона. Иако таквите страници често се непрeгледни и тешки за користење, Грок очигледно ги пребарува исклучително ефикасно, ја врши прекрстената проверка на податоците со профили на социјалните мрежи и други јавни извори и им ги сервира на корисниците „на тацна“.

Иронично, во условите за користење на компанијата иксАИ (xAI) се наведува дека се забранети употреби на Грок што вклучуваат нарушување нечија приватност. Сепак, изгледа дека четботот не ги следи сопствените правила.

Недоволното безбедносно тестирање и претходно беше обележје на Грок, кој неодамна предизвика скандал со изјавата дека би го „убил секој Евреин на Земјата“ за да го спаси својот творец Илон Маск. Од компанијата не одговориле на барањето на порталот Футуризам за коментар за овој случај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ