недела, 7 декември 2025

Чешкиот претседател: Еднаш ќе мора да собориме некој руски авион

Претседателот на Чешка Петр Павел денес во дебата со ученици во Соколов изјави дека не смее бескрајно да се толерира руското упаѓање во воздушниот простор на членките на НАТО и дека сојузниците ќе мора да соборат еден од тие борбени авиони, како што своевремено направи Турција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Има народи на кои е доволно да им се каже: не го правете тоа, лошо ќе завршите. Во случајот на некои тоа мора да заврши лошо за да сфатат дека тоа не е правилниот начин. Русите денес тоа го пробуваат со нас. Тие тестираат не само како функционира воздушната одбрана на одредени земји, интегрираниот систем на НАТО, туку и колку сме решени навистина да се одбраниме“, кажа чешкиот претседател во дебатата со ученици од регионот Карлови Вари на западот од земјата.

Павел оцени дека Русија е земја која почитува само сила во сè што прави, додека воздржаноста ја толкува како слабост, а според Русите, слабиот не заслужува ништо повеќе од тоа да биде черга.

„Не велам дека треба да го казнуваме секое навлегување во воздушниот простор со соборување на руски воен авион, но ако тоа стане неопходно, ако продолжат со навлегувањата, тогаш ќе мора да го направиме тоа еднаш за Русите да разберат дека постојат правила и дека тие не се прекршуваат“, кажа Павел.

Чешкиот претседател им кажа на учениците дека додека бил на чело на Воениот комитет на НАТО, Русија постојано го нарушувала турскиот воздушен простор.

„Тие провоцираа, тестираа каде можат да одат сè додека Турците, кога авионите упаднале по десетти пат, не се налутија и едноставно собориле два, три авиони. И беше мир“, кажа Павел.

Тој додаде дека стравувањата дека тоа ќе доведе до ескалација и криза не се исполниле бидејќи Русите разбрале дека се казнети за нарушувањето.

„Русија сфати дека се соочува со противник кој нема да дозволи нејзиниот воздушен простор да биде нарушен и престана да го прави тоа“, оцени Павел.

Според најновата анкета, Павел е најпопуларниот претседател на Чешка по Вацлав Хавел, по него следува Вацлав Клаус на третото место, додека Чесите го именуваа претходникот на Павел, Милош Земан, за најлош претседател кој го имала Чешка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ