Украина стравува дека во евентуален мировен договор нема да може да се потпре на безбедносните гаранции од своите сојузници, па затоа мора да биде подготвена да опстане сама како „челичен еж“, за да осигури дека рускиот диктатор Владимир Путин нема повторно да тргне во напад.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, минатата година го повика Киев да ја претвори земјата „во челичен еж, несварлив за сегашните и идните агресори“.
Тоа значи постојано масивна армија, големи инвестиции во најновите технологии за дронови и ракети и домашно производство на оружје.
„Украина помина низ фундаментално преосмислување на тоа што значат безбедносните гаранции и на што треба да се темелат“, вели за Политико Аљона Гетманчук, шефица на украинската мисија при НАТО. „Претходно, визијата главно беше насочена кон заштитните обврски што ги даваат партнерите. Денес, меѓутоа, постои јасно разбирање дека сржта на какви било безбедносни гаранции мора да бидат украинската армија и нејзините одбранбени индустрии.“
Но за тоа да се оствари, Украина треба да создаде одржлив одбранбен сектор, да ги реформира системите за набавки, темелно да ја обнови регрутацијата, да продолжи со унапредување на технологијата за дронови, да изгради ракети со долг дострел, да ги опреми своите сили со модерни тенкови, артилерија и авиони (Киев веќе нацрта договор за набавка на до 150 шведски борбени авиони „грипен“), и да обезбеди милијарди помош за да изгради армија од која Русија би се плашела повторно да нападне.
Идната безбедност на Украина „пред сè е прашање на отпорноста на производството“, вели Игор Федирко, извршен директор на Украинскиот совет на одбранбената индустрија. „Не станува збор за поединечни оружени системи или за еднократни технолошки изуми, туку за способноста на одбранбената индустрија да функционира со текот на времето, под притисок, со предвидлив обем на производство.“
Безбедносните гаранции се потребни затоа што претседателот на САД, Доналд Трамп, ја исклучи опцијата што Украина ја преферира — покана за членство во НАТО, кој ги штити своите членки преку членот 5 за колективна одбрана.
„Покрај силни вооружени сили, на Украина ѝ се потребни цврсти безбедносни гаранции“, рече генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Киев.
Но без НАТО, Украина мора да се потпре на специјални договори што можеби немаат иста тежина како обврската на Алијансата. Киев е претпазлив кон ваквите аранжмани, откако се испече од ветувањата на САД и Велика Британија во 1994 година, кога Украина се откажа од својот нуклеарен арсенал — ветувања што се покажаа празни.
„Некои европски сојузници најавија дека ќе распоредат трупи во Украина по постигнување договор. Трупи на терен, авиони во воздух, бродови на Црно Море. САД ќе бидат последната гаранција“, рече Руте, додавајќи дека безбедносните ветувања се „цврсти“.
Но Русија веќе испраќа сигнали дека ќе се спротивстави на какви било безбедносни гаранции за Украина.
„Не знаеме какви гаранции се договорени, но очигледно станува збор за гаранции за украинскиот режим што ја водеше русофобичната, неонацистичка политика“, изјави минатата недела министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Сржта на украинските грижи е поврзана со доверливоста на ветувањата на Трамп, поради неговите нагли и непредвидливи пресврти — од желбата да го анектира Гренланд, до доведување во прашање на вредноста на сојузниците во НАТО и затоплување на односите со Владимир Путин, вели Политико.
„Дали Трамп би одел во војна со Русија поради Украина? Апсолутно не. Дали би ја санкционирал Русија за кршење на каков било прекин на огнот? Многу малку веројатно“, напиша аналитичарот Тимоти Еш.
Со оглед на тоа што безбедносните гаранции изгледаат слаби, Планот Б на Украина е да се потпре на самата себе.
„Колку подолго трае војната, толку повеќе Украинците се убедуваат дека пред сè мора да се потпрат на самите себе“, вели Гетманчук. „Тоа ја одразува и разочараноста од претходните безбедносни обврски дадени на Украина и скепсата околу перспективите за членство во НАТО, но и растечката доверба во сопствената способност на Украина да му се спротивстави на непријателот.“
Градење на одбраната
Клучен елемент на идната одвраќачка сила е голема армија.
За време на мировните разговори, Украина инсистираше да задржи војска од 800.000 војници.
Додека војната продолжува, околу два милиони Украинци во моментов се барани поради избегнување регрутација, а околу 200.000 војници самоволно ги напуштиле единиците, изјави минатиот месец министерот за одбрана Михајло Федоров. Доколку дојде до примирје, многумина од сегашните војници ќе сакаат да бидат демобилизирани.
Тоа значи огромен и скап напор за изградба и одржување на голема мирнодопска армија, која мора да биде добро организирана и соодветно платена. За тоа да се постигне, Украина треба да ја унапреди воената обука на сите нивоа и да ја трансформира организациската и кадровската структура, вели Тарас Чмут, украински воен аналитичар и шеф на доброволниот фонд „Врати се жив“.
Федоров вети обемна дигитализација и други реформи. „Нашата цел е да го трансформираме системот: да спроведеме воена реформа, да ја подобриме инфраструктурата на фронтот, да ги искорениме лагите и корупцијата и да развиеме нова култура на лидерство и доверба, за оние што носат реални резултати да бидат наградени и да добијат можност за напредување.“
Костјантин Немичев, заменик-командант на полкот за беспилотни системи „Кракен“ во рамките на Третиот армиски корпус, повика на промени во обуката на регрутите и на посилно образование за офицерите и подофицерите, кои го сочинуваат ‘рбетот на армијата.
„Човекот мора да разбере дека е обучен за борба и дека треба да биде подготвен за тоа. Командантите мора да имаат лидерски вештини … и тогаш луѓето нема да дезертираат во толкави бројки“, рече тој.
Смртоносни дронови
Украина тврди дека Русија трпи месечни загуби од околу 35.000 луѓе, најмногу благодарение на украинските дронови — капацитет што мора дополнително да се зајакне за да се спречи нов руски напад.
Украина изгради пазар за дронови, беспилотна флота, ракети, системи за електронско војување, муниција и пресретнувачи, вели Федоров. „Но невозможно е да се води војна со нови технологии ако се потпирате на стара организациска структура.“
Во 2025 година Министерството за одбрана склучило договори за 4,5 милиони ФПВ-дронови и потрошило повеќе од 110 милијарди гривни (2,1 милијарди евра) за набавки поврзани со дронови — трипати повеќе отколку претходната година.
„Кај дроновите, електронското војување, муницијата и ударните системи, производството веќе се мери во стотици и илјадници единици. Во оваа фаза, клучна задача се стабилноста од серија до серија и контролата на квалитетот, за производствените линии да работат без прекини или со пад на перформансите“, рече Федирко.
Украина развива и сопствени ракети; доколку ги има доволно, би можела да им се закани на руските рафинерии, инфраструктура и воени цели со разорни удари доколку Москва повторно нападне.
Претходните ветувања на украинската одбранбена компанија „Фаер поинт“ — дека ќе произведува околу 200 ракети „фламинго ФП-5“ месечно, секоја со боева глава од 1.150 килограми и дострел од 3.000 километри — не се остварија, иако некои биле користени за напади врз руски цели.
Но Украина има и други крстосувачки ракети и дронови со долг дострел што можат да погодат цели длабоко во Русија. Во соработка со Велика Британија работи и на тактичка балистичка ракета со дострел од 500 километри и боева глава од 200 килограми.
За сето тоа се потребни силна одбранбена индустрија и здрави јавни финансии.
Минатата година украинските одбранбени компании имале капацитет да произведат опрема во вредност од околу 35 милијарди долари, но владата во Киев, со ограничени средства, можела да склучи договори само за околу 12 милијарди долари, вели Федирко.
„До 60 отсто од капацитетите остануваат неискористени. Без долгорочни договори, предвидливо финансирање, заштитени производствени локации, автоматизација каде што е можна и домашна база за тестирање, сериското производство не може да се одржи“, предупреди тој.
Покрај опремувањето на сопствените сили, Украина се надева и на извоз на оружје, што сегашните воени правила го отежнуваат.
Новите иницијативи на ЕУ за одбранбено финансирање, како програмата СЕЈФ од 150 милијарди евра кредити за оружје, се отворени и за украинската индустрија. Блокот планира и заем од 90 милијарди евра за Украина, од кои две третини ќе одат за одбрана.
Правно обврзувачките безбедносни договори со САД и европските држави, како и можноста за присуство на мултинационални сили на „коалицијата на спремните“, се меѓу клучните прашања во тековните мировни преговори.
„Но тие главно се гледаат како дополнување на украинската армија, а не како нејзина замена“, вели Гетманчук.
За украинскиот претседател Володимир Зеленски, тоа значи градење сопствени одбранбени капацитети за да се одврати Русија.
„Со ваков сосед, Украинците мора да бидат ефикасни господари на одбраната на својата држава, за Украина секогаш да биде независна и слободна од Русија.“






