Државите, свесни за политичкиот ризик од зголемувањето на цените на горивата, одговорија со ослободување на нафта од стратегиските резерви, пребарување на автомобилите на границите за канистри, предупредување на енергетската индустрија за неоправдано зголемување на цените, а во некои случаи и ограничување на малопродажните цени, пишува Тајмс.
Во Австрија бензинските пумпи претходно го ограничија зголемувањето на цените на еднаш дневно, на пладне. Од следниот понеделник тоа ќе им биде дозволено да го прават само во понеделник, среда и петок.
Јозеф Шелхорн, државен секретар во австриското Министерство за економија и енергетика, кажа дека владата нема да дозволи никакво „профитирање од кризата“, поради обвинувањата дека нафтените компании ги искористуваат превирањата на светските пазари за да ги „соголат“ возачите.
Некои од најголемите скокови на цените се забележани во Германија, каде што цената на дизелот без данок се зголеми за 44 проценти во изминатите две недели, според анализата на Комисијата за монополи на државата. Тоа е повеќе од двојно од просекот забележан во Европската Унија, а цената на безоловниот бензин е на највисоко ниво од неколку недели по почетокот на конфликтот во Украина пред четири години.
Германскиот автоклуб АДАК ја обвини нафтената индустрија за „максимизирање на профитот“ на штета на возачите, при што зголемувањето на трошоците веднаш се пренесува на потрошувачите, додека намалувањата на глобалниот пазар се чувствуваат многу побавно на пумпите.
Здруженијата што ги претставуваат независните бензински пумпи изјавија дека се „притиснати“ помеѓу лутите возачи и рафинериите „масно заработуваат“. Херберт Рабл од Здружението на бензински пумпи изјави за Штутгартер цајтунг дека нафтените компании практикуваат „грабежлив капитализам“ кој потсетува на 19 век.
Како одговор, Германија почна да испушта нафта од своите резерви, во количество еквивалентно на 18 милиони барели, и објави дека ќе го усвои „австрискиот модел“ за ограничување на зголемувањето на цените на еднаш дневно. Министерката за економија и енергетика Катерина Рајхе изјави дека сака да го „прекине циклусот“ во кој цените на горивата растат, но подоцна не го следат падот на цените на сировата нафта на меѓународните пазари.
И Франција испрати инспектори за заштита на потрошувачите на случајни проверки на бензинските пумпи, откако владата објави мерки против „злоупотребата“ на зголемувањето на цените. Од 513 инспектирани станици, пет проценти се казнети, а кај 15 проценти било утврдено дека имаат „аномалии“ во цените кои се разликуваат од оние што се рекламираат на интернет.
Минатата недела, бензинска пумпа околу триесет километри јужно од Париз била преплавена од возачи откако цената на бензинот накратко била 0,01 евро за литар поради печатна грешка. Владата во Париз ги отфрли повиците на десничарската опозициска партија Национален собир за намалување на стапката на ДДВ за гориво од 20 на 5,5 проценти.
Поради разликата во цените дошло тензии меѓу Германија и соседните земји, бидејќи германските возачи кои живеат во близина на границата полнат гориво во голем број во Полска и Чешка. Некои полски политичари се жалат дека овој „бензински туризам“ ги зголемува цените, создава долги редици, а во некои области довел до недостиг од гориво.
Јоана Агатовска, градоначалничката на Свиноујшчје, полски пристанишен град на германската граница, побара ограничување на количеството на гориво кое германските возачи можат да го купат.
Во исто време, холандските возачи кои патуваат во Белгија и Германија за да ги искористат пониските даноци се предупредени дека ризикуваат да ги претворат своите автомобили во „мобилни бомби“ ако носат максимално дозволени 240 литри гориво во канистри.
Кралскиот холандски автомобилски клуб АНВБ им советуваше на возачите да не прават залихи. „Подобро е воопшто да не се вози канистер во багажникот, дури ни како резерва. Тоа носи одредени ризици“, кажа портпаролот Ерик Јан де Јонг. „Бензинот во автомобил може да биде исклучително опасен, на пример во случај на сообраќајна несреќа“.
Најагресивните чекори ги презеде унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е под силен притисок од опозицијата пред изборите за четири недели. Неговата влада во вторникот ги ограничи цените што бензинските пумпи можат да ги наплаќаат за бензин и дизел во противвредност од 1,32 и 1,37 фунти, соодветно, повторно активирајќи механизам од ерата на пандемијата.
Ограничените цени се достапни само за возилата со унгарски регистарски таблички и сообраќајни дозволи, што има за цел да спречи прекугранично купување гориво.






