Покрај оперативните трошоци, САД претрпеа и значителни загуби на воена опрема во иранските напади, чија вредност се проценува на околу 2,52 милијарди долари.
Најголемата поединечна загуба е американскиот радарски систем за рано предупредување АН/ФПС-132 во воздухопловната база Ал Удеид во Катар, во вредност од 1,1 милијарда долари. Системот беше погоден од иранска ракета во саботата, а Катар потврди дека радарот е оштетен.
Уништени се и најмалку два радарски системи АН/ТПИ-2, кои се дел од антибалистичкиот систем ТХААД. Едниот беше уништен во индустрискиот град А -Руваис во Обединетите Арапски Емирати, а другиот во воздухопловната база Мувафак Салти во Јордан.
Вредноста на секоја од тие радарски компоненти се проценува на 500 милиони долари. Исто така, постојат непотврдени извештаи за напад врз друг таков систем во Обединетите Арапски Емирати. Покрај тоа, сателитските снимки од кампот Арифџан во Кувајт, анализирани од Њујорк тајмс, покажуваат уништување на уште три радарски куполи, што додава околу 30 милиони долари на трошоците.
Во неделата, три борбени авиони Ф-15Е „страјк игл“ беа урнати во инцидент со наводен „пријателски оган“ со кувајтската воздушна одбрана. Сите шест члена на екипажот преживеаја, но авионите се уништени, а трошоците за нивна замена се проценуваат на 282 милиони долари.
Американски претставници потврдија за Си-би-ес њуз дека досега се соборени три дронови ем-кју-9 „рипер“, кои им припаѓаат на американските воздухопловни сили, со вкупна вредност од 90 милиони долари.
За време на првичниот напад во саботата, Иран го погоди и седиштето на Петтата флота на американската морнарица во Манама, Бахреин. Таму беа уништени два терминали за сателитски комуникации АН/ГСЦ-52B, со проценета вредност од 20 милиони долари, и неколку поголеми згради.
Според анализата на Центарот за стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС), само за да се надополни залихите од муниција потрошени во првите 100 часа од операцијата ќе бидат потребни 3,1 милијарди долари, а тие трошоци растат за дополнителни 758,1 милиони долари секој ден.
Американските одбранбени системи беа интензивно користени и за пресретнување на иранските напади. Според проценките на Институтот Пејн, САД испукале приближно 180 поморски пресретнувачи СМ-2, СМ-3 и СМ-6, потоа 90 ракети „патриот“ ПАЦ-2 и ПАЦ-3 и 40 пресретнувачи од системот ТХААД.
Дополнителен трошок создава присуството на две ударни групи носачи на авиони, УСС Абрахам Линколн и УСС Џералд Р. Форд, кои со придружните разорувачи и борбени бродови во регионот трошат околу 15 милиони долари дневно.






